Skip to main content

Германија ја зголемува минималната плата

Законската минимална плата во Германија од 1 јануари 2027 година ќе изнесува 14,60 евра бруто на час, соопшти германската Сојузна влада.

Минималната плата од 1 јануари 2026 година изнесува 13,90 евра бруто на час. Според информациите од владата, вкупното зголемување во два чекора изнесува 13,88 проценти, а ќе опфати повеќе од шест милиони луѓе кои моментално заработуваат помалку од 13,90 евра на час.

За висината на минималната плата одлучува независната Комисија за минимална плата, составена од претседател, по тројца претставници на работодавачите и синдикатите, како и двајца советодавни членови од академската заедница.

Комисијата го претстави предлогот за зголемување во два чекора во јуни 2025 година, а германската влада го спроведе преку уредба, во согласност со Законот за минимална плата.

При донесувањето на одлуката, Комисијата проценува колкава минимална плата обезбедува соодветна заштита на работниците, овозможува фер конкуренција и не ја загрозува вработеноста.

Притоа, според Законот за минимална плата, се зема предвид и растот на платите што синдикатите и работодавачите го договориле преку колективните договори. Тоа значи дека минималната плата, со одредено временско задоцнување, ги следи зголемувањата што работниците веќе ги добиле во одделни сектори.

Поврзани вести