
По повод 15 години од филмот „Панкот не е мртов“, Кинотеката на Македонија ве поканува повторно да го погледнеме едно од најзначајните остварувања на македонската кинематографија од поновото време. Во режија и по сценарио на Владимир Блажевски, оваа македонскa црна комедија од 2011 година носи приказна за панкот, транзицијата, идентитетот и општествените поделби.
Во центарот на приказната е Мирса, четириесетгодишен скопски панкер чиј некогаш популарен бенд се распаднал пред 17 години. Кога добива можност повторно да ги собере старите членови и да настапат на необичен мултикултурен настан во западниот дел на Македонија, се отвораат прашања за пријателството, минатото, национализмот и вистинското значење на соживотот. Со црн хумор и препознатлива балканска реалност, филмот ја оживува енергијата на генерацијата што одбива да се помири со светот околу себе.
Во филмот настапуваат Јордан Симонов, Камка Тоциновски, Тони Михајловски, Кирил Поп-Христов, Џевдет Јашари, Владимир Тулиев и Флора Достовска. „Панкот не е мртов“ оствари значајни меѓународни успеси: ја освои наградата „Кристален глобус“ во програмата „Исток на Западот“ на Фестивалот во Карлови Вари, наградата за најдобар машки актер за Јордан Симонов во Херцег Нови, како и наградата за најдобро сценарио на Фестивалот на хуманитарни филмови во Монако. Филмот беше и македонски кандидат за Оскар.

Македонски


