
Премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис и претседателот на Египет Абдел Фатах Ел-Сиси денеска телефонски разговараа за случувањата поврзани со манастирот Света Катерина Синај, а в понеделник грчка делегација ќе отпатува за Египет, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што брифираа од кабинетот на грчкиот премиер, Мицотакис ја истакнал важноста да се зачувува грчко-православниот карактер на манастирот и како место за поклонение, а прашањето да се реши на институционален начин.
Двајцата лидери се согласија дека решението е во веќе документираното заедничко разбирање на двете страни, како и во она што беше договорено тет-а-тет и јавно објавено за време на посетата на претседателот на Египет на Атина на 7 мај. Се согласија и дека во овој контекст, в понеделник, на 2 јуни, грчка делегација ќе отпатува во Египет за дополнително разработување на договорот со цел негово брзо завршување, информираа од кабинетот на Мицотакис.
Одлуката на египетскиот суд донесена пред два дена, која според грчките медиуми, ја остава отворена можноста да се промена сопственичкиот статус на објектите на манастирот Света Катерина, предизвика реакции во Грција и од вчера е една од главните теми во земјата.
Прво со реакција излезе грчкото МНР, преку портпаролката Лана Зохиу, која одговарајќи на новинарско прашање во писмената изјава рече дека грчкиот министер за надворешни работи стапил во контакт со неговиот египетски колега и „јасно му стави до знаење дека нема никаков простор за отстапување од заедничкото разбирање на двете страни, кое го изразија лидерите на двете земји во рамките на неодамнешниот Висок совет за соработка“.
Таа дополнително посочи дека Владите на Грција и Египет во изминатиот период работеа на договор што ќе го гарантира светиот грчко-православен карактер на регионот и дека очекуваат да им биде испратена одлуката на египетскиот суд.
Портпарол на грчката Влада Павлос Маринакис истакна дека кога официјалната и целокупната содржина на судската одлука ќе биде позната и оценета ќе излезат со официјален став, но и додаде дека не очекуваат отстапување од договореното меѓу двете земји.
Претседателството на Египет синоќа изрази „целосна посветеност на зачувувањето на единствениот и свет религиозен статус на манастирот Света Катерина“.
Претседателството потврдува дека неодамнешната судска одлука го консолидира овој статус, усогласувајќи се со точките што претседателот Ел-Сиси ги нагласи за време на неговата неодамнешна посета на Атина на 7 мај, соопштија од кабинетот на египетскиот претседател Абдел Фатах Ел-Сиси и додадоа дека „ја потврдува важноста на зачувувањето на блиските и братски односи што ги поврзуваат двете земји и народи“.
На оваа изјава се повикаа од Вселенската патријаршија, упатувајќи апел до египетската Влада „да најде соодветен начин да го зачува статусот кво на светиот манастир, кој со векови е особено почитуван и привилегиран од Исламот и да го спроведе својот неодамнешен договор со манастирот“
Синајскиот манастир е почитуван со векови. Нека Египет го почитува и денес, како цивилизирана и законодавна земја, почитувајќи ја верската слобода и општо човековите права. Синајскиот манастир е скапоцено стекнато богатство за земјата на Нил, што му носи чест и симболично и суштински, на својата територија ги поврзува двете големи религии христијанството и исламот, соопштија од Вселенската патријаршија.
За конкретното прашање реагираше и поглаварот на Грчката православна црква, архиепископот Јеронимос, кој рече дека „имотот на манастирот се запленува и конфискува, а овој духовен Светилник на православието и хеленизмот сега се соочува со прашањето за вистински опстанок“.
Пред три седмици во Атина се одржа првиот Висок совет за соработка Грција – Египет, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и египетскиот претседател Абдел Фатах Ал Сиси потпишаа Декларација за стратешко партнерство меѓу двете земји, а на агендата разговори беше и Синајскиот манастир Света Катерина, што е најстариот функционален христијански манастир во светот.
Според грчките медиуми, одлуката на Египет ќе значи затворање на манастирот „Света Катерина Синајска“, речиси 15 века по неговото основање. Според медиумите, покрај конфискацијата на имотот, Египет планира и да ги исели монасите за да можат празните згради да се претворат во туристичка атракција, а монасите, кои веруваат дека оваа одлука ги крши нивните права, подготвуваат глобална мобилизација и информативна кампања за сите христијански цркви и други монотеистички религии.