
Данската премиерка, Мете Фредериксен, при пристигнувањето на неформалниот Самит на ЕУ во Брисел, изјави дека нејзината земја е подготвена на разговори со САД за билатералните односи, за зајакнување на соработката и за безбедноста на „потрадиционален политичко-дипломатски начин“, но Данска има свои црвени линии за кои не може да преговара.
Од самиот почеток нагласивме дека за нашиот суверенитет не може да се дискутира. Секако соработуваме со САД, како што сме правеле отсекогаш, во врска со безбедноста, но за нашите црвени линии и јасни демократски правила, не може да се дискутираат. Соработуваме многу блиску многу години, но мора да соработуваме со почит, без да се закануваме едни на други и затоа се надевам дека ќе најдеме политичко решение како сојузници“, додаде Фредериксен.
Таа и заблагодари на „цела Европа“ во името на Данска и Гренланд за сета поддршка што ја добиваат, нагласувајќи дека тоа покажало оти кога Европа не е поделена, кога стои заедно и кога е јасна и силна во презентирањето на она за што се залага, тогаш се покажуваат и резултати.
Тоа беше исклучително важно во оваа многу тешка ситуација во која се наоѓаме. Мислам дека научивме нешто во текот на последните неколку дена и недели и сега секако сакаме да најдеме решение“, рече Фредериксен.
Таа нагласи дека е побарано од НАТО „да биде поприсутен во арктичкиот регион“, додавајќи дека сите во Алијансата се согласуваат дека е потреба нејзино постојано присуство во Арктикот, вклучително и околу Гренланд.

Македонски




