
Белата куќа денес изрази надеж дека Русија и Украина ќе се сретнат во Истанбул следната недела и ќе продолжат со директните преговори со цел да се постигне напредок кон завршување на војната, јавува агенцијата Анадолија.
Моето разбирање и нашата надеж е дека Русија и Украина ќе се вклучат во директни разговори и преговори следната недела во Истанбул. Веруваме дека таа средба ќе се одржи, а тоа е средба што претседателот ја поддржа и силно се залагаше за неа, за да можат двете страни да се сретнат и да преговараат директно“, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит.
Таа додаде дека американскиот претседател Доналд Трамп уште од почетокот на војната јасно ставил до знаење дека сака решение на преговарачка маса, а не на бојното поле:
Тој им го кажа тоа на двајцата лидери, и јавно и приватно. Па се надеваме дека ќе направиме чекор напред следната недела.“
Ливит додаде дека нема планови претседателот да испрати претставник на САД на разговорите, но не ја исклучи таа можност.
Втора рунда директни разговори меѓу Русија и Украина е предложена за 2 јуни во Истанбул, откако двете страни се состанаа на 16 мај. Тогаш тие се согласија, меѓу другото, да разменуваат затвореници и да подготвуваат нацрт-документи за понатамошни мировни чекори.