Skip to main content

Австрија има нов канцелар

Лидерот на австриската Народна партија (ОВП), Кристијан Штокер, денеска стана нов канцелар, прв од Втората светска војна кој предводи трипартиска коалиција. Штокер положи заклетва на церемонијата организирана од австрискиот претседател Александар Ван дер Белен. Министрите во Владата ќе положат заклетва подоцна. ОВП ќе го води Министерството за внатрешни работи, социјалдемократите министерствата за финансии и правда, а либералниот Неос министерството за надворешни работи, според коалицискиот договор.

Трите партии постигнаа неочекуван договор кој ја заобиколи крајно десничарската Партија на слободата (ФПО), победникот на парламентарните избори во септември минатата година, кои резултираа со петмесечни неуспешни коалициски преговори.

Штокер станува канцелар како политичар без министерско искуство, партиски функционер кој се приближува до возраста за пензионирање и главно непознат надвор од политичките кругови. „Непознатиот (наскоро) канцелар“, е насловот на австрискиот медиум „Кронен цајтунг“, кој го профилираше Штокер, пренесе Ројтерс.

Шеесет и четиригодишниот политичар ја презеде ОВП откако претходниот претседател на партијата не успеа да формира влада, во што потоа не успеа ни ФПО. Се работи за адвокат, кој се смета за прагматичен функционер, кој си поставил за цел да избегне Австрија да биде преземена од евроскептично, проруско раководство, како што се смета раководството на ФПО.

Штокер беше генерален секретар на партијата кога ја предводеше поранешниот канцелар Карл Нехамер, кој ја напушти функцијата во јануари откако не успеа да формира центристичка коалиција.

Тој за австрискиот весник Ди прес изјави дека немал никаква намера да ја преземе партијата по заминувањето на канцеларот. „На денот на таа одлука возев до Виена со фармерки и ролка“, рече тој. „Неколку часа подоцна морав да побарам да ми донесат одело и вратоврска“.

Тогаш Штокер беше назначен за привремен лидер, но откако не успеа и обидот на лидерот на Слободарската партија Херберт Кикл да формира влада, тој остана последниот кандидат со шанса да формира влада. Тоа му успеа минатиот четврток кога Штокер, раководството на социјалдемократите и Неос постигнаа договор.

Ова е првата австриска влада составена од три партии од крајот на 1940-тите. Овој неверојатен сојуз беше создаден на бранот отпор кон ФПО, но се чини дека Штокер засега успешно балансира меѓу различните партиски интереси.

Следните австриски избори треба да се одржат во 2029 година.

Поврзани вести