Skip to main content

Администрацијата на Трамп отворена за „симболично“ збогатување на ураниум од Иран — но под строги услови

Администрацијата на Доналд Трамп сигнализира подготвеност да разгледа ограничен компромис со Иран, кој би му дозволил на Техеран да задржи минимални капацитети за збогатување ураниум. Клучниот услов, според американски функционери цитирани од „Аксиос“, е Иран недвосмислено да се откаже од развој на нуклеарно оружје.

И покрај оваа отвореност, во Вашингтон негуваат резерви дека договор е на дофат. Американските претставници предупредуваат дека секое решение ќе мора да биде исклучително цврсто за да ја добие поддршката и во администрацијата на Трамп и кај регионалните партнери, пред сè Израел.

Од американска страна порачуваат дека претседателот би потпишал само договор што може убедливо да го брани на домашен терен. Во спротивно, трпението на Вашингтон нема да биде неограничено.

Проценките и на американските и на израелските извори се дека јазот меѓу двете страни останува сериозен, што значително ги комплицира преговорите.

Висок советник на Трамп за „Аксиос“ изјавил дека претседателот сè уште не донел одлука за евентуален воен удар врз Иран, оставајќи ја опцијата формално отворена.

Според истиот извор, на Трамп веќе му биле презентирани различни воени сценарија, вклучително и можност за директно таргетирање на врховниот лидер ајатолах Али Хамнеи и неговиот син Моџтаба.

Во меѓувреме, американските претставници во индиректните контакти со Техеран — Стив Виткоф и Џаред Кушнер — побарале од иранската страна конкретен и детален писмен предлог што ќе ги адресира главните безбедносни грижи на САД.

Шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи најавил дека нацрт-решението ќе биде готово во рок од неколку дена. Тој вели дека договорот мора да биде прифатлив за сите страни и да содржи и политички гаранции и технички механизми, при што можна е и улога на директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија, Рафаел Гроси, во надзорот.

Пораката од Вашингтон е јасна — следниот потег го очекуваат од Техеран.

Поврзани вести