Skip to main content

Заглавени возила под стоковната куќа „Мост“, паднато дрво ја блокира „Рузвелтова“

Поплави и сообраќајни пречки на неколку локации во Скопје се пријавени во Центарот за управување кризи по краткото но силно невреме со пороен дожд и град кој го зафати главниот град предмалку.

Како што известува ЦУК, преку бројот за итни повици 112 прими пријава дека на бул. „Никола Карев“ кај Бит Пазар, под Стоковна куќа Мост, има приближно 50 см вода. Целиот булевар е блокиран, а повеќе возила се заглавени.

Добиена пријава за поплавена улица на булеварот „Македонска Косовска Бригада“ во Општина Чаир. Неколку возила се заглавени, а паркот во близина е исто така поплавен.

Дополнително, пристигната е пријава за навалена бандера од уличното осветлување на улицата „Народни Херои“ кај Мечкаров, во Општина Кисела Вода.

Дополнително, пријавено е дека на ул. „Петар Манџуков“ во населба Бутел улиците се поплавени, шахтите се запушени и водата не се повлекува.

Преку бројот за итни повици 112 е добиена пријава за паднато дрво на ул. „Рузвелтова“, во близина на Сетек, Општина Карпош. Дрвото има блокирано три сообраќајни ленти, и во моментов проодна е само една лента.

Пријава за паднато дрво има и за ул. „Кочо Битолјанов“, од спротивната страна на „Алкалоид“, во близина на Скопска Пивара. Постои опасност дрвото да оштети електрични кабли.

Надлежните служби се известени и ќе преземат соодветни мерки во рамки на својата надлежност.

Поврзани вести