Skip to main content

Телма го демантира Апасиев: Мециновиќ доби покана, но ја одби

Телевизија Телма реагира на објавата на лидерот на Левица, Димитар Апасиев, кој на својот Фејсбук профил ја обвини телевизијата дека не му дозволила на кандидатот за градоначалник на Скопје, Амар Мециновиќ, да се појави во емисија на Телма.

Од телевизијата велат дека обвинувањата не се точни и дека Телма има еднаков, доследен и професионален однос кон сите кандидати во рамките на кампањата за локалните избори.

„По одбивањето на дебатата од страна на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, уредниците на Телма разговараа со кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ, при што му беше понудено интервју истиот ден, во истиот термин во кој требаше да се одржи дебатата — по ист принцип како и кај другите кандидати,“ се наведува во реакцијата од телевизијата.

Оттаму додаваат дека Мециновиќ културно се заблагодарил за понудата и за професионалниот однос на редакцијата, но не ја прифатил поканата.

„Во однос на планираната дебата, потенцираме дека Телма не најави дебата, бидејќи до последен момент чекавме потврда од двајцата кандидати. Поканата веднаш ја прифати Мециновиќ, додека Ѓорѓиевски вчера испрати известување дека нема да гостува,“ информираат од Телма.

Поврзани вести