Skip to main content

Скопје доби нов билборд: Коригирани грешките по критиките во јавноста

Градот Скопје постави нов билборд на источниот влез во градот, заменувајќи го претходниот кој предизвика бројни реакции во јавноста поради печатени и графички грешки.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски попладнево преку објава на Фејсбук информираше дека пропустот е исправен и дека на негово место е поставен нов знак.

„Печатената грешка веќе е коригирана, а Скопје доби нов знак како што доликува. Кој работи и греши, а ме радува кога најголемиот проблем во Скопје е печатена грешка. Тоа е така затоа што јас и мојот тим го слушаме гласот на граѓаните и ги решаваме нивните проблеми“, напиша Ѓорѓиевски.

Тој посочи дека замената на билбордот нема да го чини ништо Градот Скопје, бидејќи трошоците ќе ги сноси компанијата што го изработила и поставила преку ЈП „Улици и патишта“.

„Опозицијата очигледно нема ниедна сериозна тема, па се занимава со ниски страсти. Ако нашиот најголем грев е печатена грешка, тогаш сме на одличен пат. Жално е што поминаа два градоначалнички мандати, а никој не го замени руинираниот знак „Добредојде во Скопје“, кој со години стоеше во таква состојба“, додаде градоначалникот.

Претходниот билборд, кој беше поставен во петокот вечерта, беше отстранет денеска по бројните реакции на социјалните мрежи и критиките од граѓаните и политичките партии.

Најголемо внимание привлече графичкиот приказ на Букефал, коњот на споменикот „Воин на коњ“, кој на илустрацијата беше прикажан со една нога повеќе. Дополнително, ликот на воинот беше претставен со необична покривка на главата, наместо со препознатлив антички шлем, што предизвика бројни шеги и коментари на интернет.

Критики имаше и за приказот на Камениот мост, кој беше неприродно издолжен и со поголем број лакови од вистинскиот изглед на еден од најпрепознатливите симболи на Скопје.

Поврзани вести