Skip to main content

Вучиќ: Правиме сè за да им го олесниме ужасно тешкиот живот на Србите на Косово и Метохија

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека државата прави сè што може за да им го олесни животот на Србите на Косово и Метохија, кој, како што нагласи, е „ужасно тежок“.

Вучиќ, при обиколката на работите на реконструкцијата и пренамената на Стариот железнички мост во Белград, одговарајќи на прашање дали очекува последици за Србите во Косово и Метохија по нападите од Приштина врз украинскиот претседател Володимир Зеленски, рече дека добро знае каква е ситуацијата таму и дека со тоа прашање се занимава секојдневно.

„Дали наша опција во овој момент е да влеземе во војна со НАТО? Јас мислам дека не е. Правиме сè што можеме за да му го олесниме животот на нашиот народ, кој е ужасно тежок“, истакна Вучиќ.

Тој ги повика сите оние кои, како што рече, се „големи заштитници на интересите на српскиот народ“, да ги прашаат Србите на Косово и Метохија кого го гледаат како единствен заштитник.

Вучиќ додаде дека Србија собира експерти од градежниот сектор, инженери и други стручни лица за да се разгледа можноста за промена на текот на реката Ибар.

„Кога веќе толку многу го малтретираат нашиот народ, да видиме – имаме различни причини за промена на текот на Ибар, па ќе видиме што ќе прават Албанците и како ќе се однесуваат. Ние сме суверена земја. Некогаш имаме едни интереси, некогаш други и во согласност со тоа ќе се однесуваме“, рече српскиот претседател.

Тој им порача и на оние кои, како што наведе, „би сакале да седат по кафулиња и кафеани и да му држат лекции некому дека не е херој“, дека е лесно да се има патриотски чувства, но дека секогаш мора да се каже и кое е решението.

Вучиќ посочи дека денеска разговарал за Косово и Метохија и со Матијас Депфнер, еден од највлијателните луѓе во Европа и раководител на „Аксел Шпрингер“.

Како што рече, со него разговарал и за „Пандорината кутија“ која, според неговите зборови, била отворена во 1999 година.

Поврзани вести