Skip to main content

Кум за Бадник е бизнисменот Зоран Кондратенко, а здравичар – музичарот Јаков Дренковски

Здружението на граѓани Одбор за традиционална прослава на Бадник во Скопје денеска ги претстави кумот и здравичарот за Бадник, а централното одбележување ќе се одржи на 6 јануари на платото пред Соборниот храм „Св. Климент Охридски” во Скопје.

Годинава бадникарската функција кум ја има генералниот директор и ко-сопственик на компанијата Енерго Систем, Зоран Кондратенко, кој ќе го понесе ќупот за Бадник 2026, а здравичар ќе биде музичарот Јаков Дренковски, кој ќе ја каже здравицата пред Соборниот храм во пресрет на големиот христијански празник Божиќ.

Претседателот на Одборот, Ангел Георгиевски денеска на прес-конференција рече дека изминатите 33 години здравичари и кумови за Бадник биле луѓе кои се истакнати во своите професии. 

Здравичарот Дренковски рече дека пред два месеци кога му се јавиле за да му понудат да биде здравичар, бил многу среќен, бидејќи на средбите кои ги има дома со блиските и со пријателите често пати го терале да ја крене чашата и да ги поздрави.

– Овој пат ми е дадена можност да ги поздравам граѓаните. Искажувам голема благодарност до Одборот на бадникарите и се надевам дека ќе ја исполнам очекуваната улога на 6 јануари. На 5 јануари се случува зимско капење и тоа ќе ми биде генерална проба кога ќе ми дојдат пријателите на Матка, да им наздравам. Ги поканувам бадникарите да дојдат на 35-годишното зимско капење, истакна Дренковски.

Кумот бадникар Кондратенко му се заблагодари на Одборот за традиционална прослава на Бадник за укажаната чест со оглед дека ја следи целата манифестација од нејзините почетоци.

– Да се биде избран за кум бадникар е за него и неговото семејство е огромна чест.  Се надевам дека ќе ја оправдам укажаната доверба и дека ќе ги исполнам сите очекувања и на Одборот и на сите присутни, вршејќи ја оваа функција кум за Бадник за 2026 година, додаде Кондратенко.

Претседателот на Одборот, Лидија Неделкова рече дека повеќе од две децении општина Центар е еден од најголемите поддржувачи на скопското бадникување.

Градоначалникот на општината Центар, Горан Герасимовски упати пофалби до Одборот, кој 33 години организира ваков настан и посочи дека му е чест што традицијата продолжува, што се почитува и од година во година се приклучуваат голем број млади луѓе.

На прес-конференцијата беше соопштено дека в недела (21 декември) напладне во месноста Краста на јужните падини на Водно на патот кон хидроцентралата „Козјак“, Одборот за прослава на Бадник во Скопје на своите сограѓани ќе им ги претстави кумот и здравичарот, соопштувајќи на тој начин дека се е подготвено за централната прослава на 6 јануари на платото пред Соборниот храм. Во месноста скопските бадникари ги собираат бадниковите гранчиња, што на 6 јануари им ги делат на скопјани, на свеченоста пред Соборниот храм во пресрет на Божик.

Поврзани вести