Skip to main content

Заложничка драма и експлозија во симулиран напад – антитерористичка вежба на скопскиот аеродром

Министерството за внатрешни работи во координација со безбедносните служби на ТАВ Македонија успешно спроведе голема антитерористичка вежба, со што ја тестираше безбедноста на скопскиот аеродром во случај на терористички напад.

Вежбата опфати симулирана заложничка криза, експлозивна закана и итни безбедносни мерки, а специјалните тимови на МВР, медицинските служби и експерти за експлозиви беа активирани за брза реакција.


Во вежбата беше симулиран терористички напад, при што заложници беа земени во објект на аеродромот, а напаѓачите се заканија со активирање експлозивна направа. Безбедносните сили на ТАВ и МВР спроведоа брза интервенција, успешно неутрализирајќи ја заканата.

„Ги тестираме капацитетите на институциите на национално ниво, но и на ‘ТАВ’, кој е одговорен за безбедноста на скопскиот аеродром. Оваа вежба е од критично значење за подобрување на безбедносните процедури.“ – изјави Александар Јанев, директор на Бирото за јавна безбедност.

Во вежбата учествуваа специјални полициски единици, медицински тимови и противпожарни служби, а беше тестирана и брзината на реакција при евакуација и координација меѓу службите.


Според Јанев, ваквите вежби не само што ја зголемуваат безбедноста на скопскиот аеродром, туку ја подобруваат и меѓународната репутација на Македонија во областа на авијациската безбедност.

„Со зајакнување на безбедносните протоколи и нивната примена, нè мапираат како држава со високи европски и светски безбедносни стандарди.“

Иако досега на скопскиот аеродром не е регистрирана вистинска терористичка закана, безбедносните сили остануваат во постојана подготвеност.


Оваа вежба е дел од поширока стратегија за зголемување на безбедноста во критичните инфраструктури, при што Македонија продолжува да ги усогласува своите безбедносни стандарди со оние на ЕУ и НАТО.

Со овој чекор, ТАВ и МВР покажаа дека скопскиот аеродром е целосно подготвен да се справи со сериозни безбедносни закани, што ја зајакнува довербата на патниците и меѓународните партнери.

Поврзани вести