
Во пресрет на претстојниот самит на НАТО, каде што се очекува да се донесе историска одлука секоја земја-членка да го зголеми буџетот за одбрана од сегашните 2% на 5% од БДП, како пратеничка од Либерално-демократската партија денеска упатувам јавен повик до претседателот на Собранието за одржување на затворена седница на македонскиот парламент следната недела, со една единствена точка на дневен ред: Национална позиција за Самитот на НАТО и иднината на македонската одбранбена политика“, вели во својата изјава за медиумите претседателката на ЛДП и пратеничка во македонското собрание, Моника Зајкова.
Оваа седница мора да се одржи зад затворени врати, каде ќе присуствуваат премиерот на државата, министерот за надворешни работи и министерот за одбрана, затоа што одлуките кои се очекуваат ќе значат дефинитивно нова ера за безбедноста на Македонија, економијата и геополитичката позиција на нашата држава.
„ЛДП целосно го поддржува предлогот на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. Одбраната нема цена. Слободата нема цена. И членството во НАТО е нашата најголема гаранција дека територијалниот интегритет, мирот и иднината на Македонија се обезбедени. Но, ако веќе плаќаме повеќе, а по однос на она што го слушаме – изгледа ќе мораме, тогаш нашето барање е едноставно: секој денар мора да остане тука, дома, во Македонија. Инвестираме во одбраната, но од македонско производство“, додава Зајкова.
Зајкова од име на ЛДП побара итна изработка на Национална стратегија за инвестирање во македонската одбранбена индустрија.
„Да ги вратиме фабриките, да направиме свои дронови, да произведуваме своја муниција, своја безбедносна технологија. Да создадеме нови работни места, нов извозен капацитет, повеќе плата за работниците и со тоа парите за одбрана да не бидат трошок на државата, туку инвестиција. Македонија има знаење, имаме искуство, има локации, и што е најважно – имаме сојузници“, посочува претседателката Зајкова.
НАТО не е само безбедносна структура, туку и политичка и економска.
„И затоа денес, во духот на пријателството, упатуваме порака и до нашите соседи: Македонија и Црна Гора треба да бидат мостот кој ќе ја донесе Србија до НАТО членството. Тоа ќе значи една единствена цел – безбедност на целиот Балкан. Ќе го затвориме безбедносниот јаз кон север. Ќе ги елиминираме руските безбедносни и воени влијанија. ЛДП предлага парламентарна иницијатива во која сите пратенички групи ќе работат заедно со парламентарците од Србија, но и од другите земји од соседството за градење на разбирање. Да објасниме зошто е важно да сме заштитени и што добиваме со членството во НАТО“, вели Зајкова.
На крајот од оваа затворена седница треба да произлезат јасни заклучоци:
– Дека целата нација, односно целиот Парламент – власта и опозицијата заедно – застануваат зад владините претставници на НАТО самитот;
– Дека Македонците се партнери и градители на заедничката безбедност и стојат рамо до рамо со своите сојузници и соседи, во взаемна соработка која ќе обезбеди одбрана на нивната територија;
– И дека сме свесни за привилегијата да се биде бранет од најмоќниот воен сојуз во историјата на човештвото.
„Дали оваа седница ќе биде одржана, односно дали предлогот на ЛДП ќе биде прифатен, во најголема мера зависи од парламентарното мнозинство. Ние сме подготвени да водиме аргументирана дебата. Самитот на НАТО не е наша закана, туку шанса. ЛДП ќе се погрижи Македонија да ја искористи мудро таа шанса – и за одбраната, и за индустријата, и за македонската иднина“, заклучува претседателката на ЛДП, Зајкова.