
Македонија ниту размислува, ниту има какви било шанси да се согласи да биде центар за прифаќање на мигранти или локација за отворање мигрантски кампови, изјави вечерва за МИА министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој денеска во Брисел учествуваше на Меѓународната конференција на Глобалната алијанса за борба против криумчарењето мигранти.
Во изминатиов период се крена прашина, особено од страна на опозицијата, иако тоа нема никаква врска со реалноста или логиката, дека Македонија треба да претставува некаков хаб центар или погодна почва за прифаќање на мигранти, кои не би биле прифатливи за ЕУ или за земји коишто се традиционални пријатели на Македонија, како што е Велика Британија, нагласи Тошковски.
Тој потенцира дека за вакво нешто ниту е размислувано, ниту е разговарано од страна на Министерството за внатрешни работи, ниту пак би било прифатливо за државата.
Овде само би сакал да го потенцирам она што денеска го говореа и претседателката и премиерот, а претходно и министерот за надворешни работи, дека Македонија, ниту размислувала, ниту размислува, ниту има какви било шанси да прифати во иднина да биде каков било хаб центар или да отвори кампови за мигранти. Такво нешто ниту имало, ниту пак ќе има, потенцира Тошковски.
Во однос на законските регулативи на ЕУ, поврзани со Пактот за азил и миграција, Тошковски нагласи дека во рамки на пристапниот процес кон Унијата, она што ќе претстои за земјава ќе биде да се работи на усогласување на нашето законодавство со европските директиви во оваа сфера.
Инаку, Глобалната алијанса за борба против криумчарењето мигранти претставува светски форум во кој се вклучени сите оние држави коишто се опфатени и заинтересирани да делуваат во делот на легалната и илегалната миграција, како што се земјите на потекло, земјите на транзит, како што е Македонија и земјите на крајна дестинанција на мигрантите, односно каде што тие најчесто се заинтересирани да стигнат.
Оваа конференција беше втора по ред во рамките на Глобалната алијанса, при што клучни поенти за кои се дискутираше беа превентивните активности што треба да ги преземат овие три типа на земји и како да се даде одговор на сите оние предизвици што се поставуваат пред секоја од нив, а пред сè пред земјите на финална дестинација, како што се членките на ЕУ, рече Тошковски.
Тој посочи дека на конференцијата присуствуваа претставници на земјите вклучени во Алијансата, пред сè министри што ги покриваат ресорите за внатрешни работи и миграција, како и на меѓународни организации и агенции.
На Конференцијата е усвоена Декларација, која, како што нагласи Тошковски, ги содржи сите идни стремежи на земјите членки на Алијансата со цел подобро справување со криумчарењето мигранти и генерално против илегалната миграција.
На маргините на Конференцијата, Тошковски се сретнал со еврокомесарот за внатрешни работи и миграција, Магнус Брунер, со кого разговарал за процесот на македонската евроинтеграција, за важноста од координирани европски политики во делот на управувањето со границите, како и за предизвиците со кои се соочуваме како транзитна земја на мигрантите, илегалната миграција и криумчарењето луѓе.
Информирав за дел од активностите што ние ги преземаме во борбата против криумчарењето на мигранти. Споделив одредени статистички податоци, кои наговестуваат дека имаме намалување на бројот на илегални мигранти кои транзитираат преку Македонија, како од јужната кон северната граница, односно од Грција, кон Србија, така и во обратен правец, рече Тошковски.
Тој посочи дека овие податоци укажуваат и оти се намалува бројот на илегални мигранти од Сирија што транзитираат низ земјава, додека од друга страна се бележи раст на бројот на Авганистанци.
Генерално, бројката на нелегални мигранти коишто транзитирале преку Македонија е намалена за околу 10 отсто, додаде Тошковски.
Министерот за внатрешни работи го информирал Брунер и за акциите за справување со илегалната трговија на дроги, посочувајќи дека во првите 10 месеци од годинава македонската полиција запленила над два тона марихуана, околу 11 килограми амфетамин и околу седум килограми хероин, со што, како што нагласи, покажуваме дека како држава можеме да одговориме и на ваквиот тип предизвици.
Тошковски остварил билатерална средба и со пакистанскиот министерот за внатрешни работи и контрола на наркотици Мохсин Раза Накви, која е втора ваква средба меѓу првите луѓе на двете министерства, при што бил споделен Предлог-меморандум за соработка во борбата против тероризмот и за соработка меѓу полициите на двете држави во делот на илегалната миграција, имајќи предвид дека Пакистан е земја на потекло на мигрантите.
Покрај, ова Тошковски се сретнал и со новоизбраната генерална директорка на Меѓународниот центар за развој на миграциска политика (ИЦМПД), Сузане Раб, со која разговарал за актуелните миграциски предизвици и можностите за продлабочување на идната соработка.
Генерално можам да констатирам дека во текот на денешниот ден имаше доста плодни дискусии и заклучоци и се надевам дека во иднина ќе ја интензивираме борбата против криумчарењето на мигранти и соодветно ќе одговориме на овие организирани криминални групи, кои го спроведуваат целиот овој процес на злоупотреба на мигрантите и вршат транснационални кривични дела, кои се едни од најголемите предизвици на 21 век, додаде Тошковски во изјавата за МИА.

Македонски







