Skip to main content

Тошковски: Бројките укажуваат на намалување на криминалитетот, максимално ќе се посветиме на намалување на сообраќајните прекршоци

Фото: МИА

Полицијата максимално е посветена на безбедноста и спроведува повеќе оперативни акции, дополнително за време на претстојниот празничен викенд, засилени мерки за безбедност ќе има во туристичките центри во државата, рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кој денеска го посети граничниот премин „Табановце“ и ја промовираше превентивна кампања „Безбедно во лето – Вози одморен“.

– Министерството за внатрешни работи постапува по повеќе оперативни акции коишто ги има отворено. Имаме оперативна акција „пожар“ да кажеме едно од тие акции и оперативната акција „безбеден град‘. Постапуваме интензивно во континуитет по повеќе оперативни акции и секако во рамки на секојдневните полициски активности што ги имаме. Максимално сме фокусирани, посветени на терен согласно условите и капацитетите коишто ги имаме, изјави министерот за внатрешни работи.

Тој кажа дека споредено со годините наназад, подобрена е работата на граничните премини, намален е бројот на севкупниот криминал, подобрена е безбедноста во Македонија.

– Бројките се во прилог на тоа дека криминалитетот се намалува. Бројките се во прилог на тоа дека сето она коешто го работиме дава резултати и генерално сум задоволен од работата на Министерството за внатрешни работи, односно од работата на полициските службеници и на раководниот кадар во рамки на МВР, а сето тоа позитивно е оценето од страна на македонските граѓани, изјави Тошковски.

Министерот за внатрешни работи не е задоволен во делот на сообраќајните прекршоци, укажувајќи дека е голем нивниот број, како бројка во однос на жртви, лани и од почетокот на годинава. Тој најави дека максимално ќе бидат фокусирани на имплементација на „сејф сити“.

– И токму очекувањата од вистинска имплементација на „сејф сити“, се во насока дека со измената на сите овие закони, со конечното разграничување што треба да биде прекршок, а што треба да биде кривично дело со подготвување на сите закони за суштински имплементација на „сејф сити“ ценам дека во текот на наредната година, можеби и мораме да очекуваме намалување на бројот на сообраќајни незгодни така и на жртви кои ги имаме секојдневно, рече министерот Тошковски.

Во однос на претстојниот празничен викенд засилени мерки ќе има во Охрид, Струга, Дојран, Крушево каде е прославата. Осврнувајќи се на „сејф сити“, Тошковски рече дека првично проектот ќе се имплементира во Скопје, Куманово и Тетово, долж коридорите 8 и 10, подоцна во сите поголеми центри, сите позначајни делници и ќе се заокружи на подрачјето на целата држава. Видеонадзор е потребен, не само за контрола на сообраќајните прекршоци, посочи Тошковски, туку и од аспект на редовното криминалистичко работење на МВР и Бирото за јавна безбедност.

Поврзани вести