
Министерот за здравство ги демантираше шпекулациите дека подготвува оставка и изјави дека коалицијата е стабилна и тој е целосно фокусиран на работата на неговото министерство.
„Утрово станав со 50 пораки дали давам оставка, јас сум фокусиран на работата во Министерството за здравство. Односите со партнерите во коалицијата се добри, стабилни и јас продолжувам и на први и на втори и на трети и на петти април да ја вршам функцијата министер за здравство. Повеќе сум фокусиран на работите што се важни за пациентите, пред се и над се за мене како министер за здравство важна е добросостојбата на овие пациенти од Кочани меѓутоа генерално и на сите пациенти во државата“, рече министерот Таравари.
Арбен Таравари исто така информира дека утринава повторно бил одржан состанок на Кризниот штаб во врска со состојбата на повредените пациенти од трагедијата во Кочани.
„Во моментот во Скопје се лекуваат 46 пациенти, од кои 26 се на клиника: 3 на КАРИЛ, 6 на Пластична хирургија, 11 на Токсикологија, 2 на Пулмологија, 2 на Детска клиника, 1 на Торакална хирургија, 1 на Офталмологија. Во ГОБ „8 Септември“ се згрижени 10 пациенти, а на Хируршките клиники – Градска болница уште 10“, изјави Таравари.
Тој додаде дека 16 пациенти ќе бидат испишани и ќе продолжат со домашно лекување, додека 30 ќе останат на клиники во Скопје.
„Се подготвуваме за прием на пациенти од странство. Очекуваме неделава осум да се вратат дома оваа недела, кои ќе продолжат со лекување во нашите клиники“, додаде министерот.
Министерот извести дека во моментов, четворица пациенти кои се леукуваат во странство се во критична состојба, но според него лекарите кои работат на нивно лекување ги даваат своите максимуми.
Таравари исто така најави дека се работи на стратегија со која на пациентите кои ќе заминат на домашно лекување ќе им се овозможи третман во Кочани, за што Таравари најави дека тим од пластични хирурзи ќе биде испратен во Кочани, а дополнителни нагласи дека Клиничката болница во Штип има вакви специјалисти кои исто така ќе им бидат на располагање.