Skip to main content

Собранието ја донесе одлуката за објавување оглас за избор на претседател на ДКСК, попладнево ќе продолжи со пратенички прашања

Во паузата дадена на седницата за пратенички прашања, Собранието продолжи со работоа по 64-та седница, на која едногласно го донесе Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за возила, по скратена постапка, поднесен од пратениците Бојан Стојаноски, Драган Ковачки и Павле Арсоски.

По исцрпување на деневниот ред на оваа седница, пратениците продолжија со работа по новата 65 седница, на која беа донесени Одлуката за изменување на Одлуката за разрешување и именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „23 Октомври“, и за изменување на Одлуката за разрешување и именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „11 Октомври“, како и Одлуката за објавување јавен оглас за избор на претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата, поднесена од пратеникот Ѓоргија Сајкоски.

По изгласувањето на дневниот ред на седницата, пратеникот Ријад Шаќири од Коалицијата ВРЕДИ информира дека во дата-базата не можат да видат кој е предлагач и побара да се достави материјалот за Предлог-одлуката за изменување на Одлуката за разрешување и именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „23 Октомври“. На ова претседателот на Собранието Гаши соопшти дека материјалите веќе електронски се доставени кај сите пратеници. Оваа одлука беше донесена со 67 гласа „за“, без ниту еден глас против и без воздржани.

Гаши ја прекина седницата, а за нејзиното продолжение рече дека пратениците дополнително ќе бидат извесетени.

Собранието ќе продолжи со пратенички прашања по редовната едночасовна пауза.

Поврзани вести