Skip to main content

Сиљановска-Давкова – Варнс: Американско-македонското стратешко партнерство и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста во време на безбедносни предизвици

Кабинет на Претседател на Република Македонија

Меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот, како и реформските процеси во нашата земја биле темите за кои на денешната средба разговарале претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова и Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.

Соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти. За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни, не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата. Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО, се важни за стабилноста, се наведува во соопштението од Кабинетот на Сиљановска-Давкова.

Фото: Кабинет на Претседател на Република Македонија

Претседателката изразила подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка на САД.

Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка. Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните, соопшти Кабинетот на Сиљановска-Давкова.

Поврзани вести