Skip to main content

Сиљановска-Давкова: Само со заедничка, доследна и бескомпромисна битка со шовинистичките изблици ќе градиме здраво општество

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во објава на Фејсбук насловена како „Ненаучена лекција“ реагираше на националистичкиte скандирања на навивачите на Шкендија за време на натпреварот со Карабах на Националната арена.

Во објавата, претседателката посочува дека само со заедничка доследна и бескомпромисна битка со шовинистичките изблици, без оглед чии се, ќе градиме здраво општество.

Сеопштата осуда на навивачкиот примитивизам на сите ни влеа надеж за цврста решеност за справување со овој неспортски феномен. Просветителски звучеа апелите за ставање крај на националистичките и шовинистички повици од трибините. Но, вчерашните сцени од меѓународниот натпревар Шкендија – Карабах беа реприза на кумановската трагична приказна. Хипокризија и цинизам е селективното реагирање на неспортскиот вандализам. Само со заедничка доследна и бескомпромисна битка со шовинистичките изблици, без оглед чии се, ќе градиме здраво општество, потенцира Сиљановска Давкова во објавата.

Навивачите на Шкендија во повеќе наврати за време на натпреварот со Карабах на Националната арена скандираа „Илирида“ и „Голема Албанија“. Тие и покрај сите апели за фер и спортско навивање, направија инцидент со националистичките извикувања.

Претходно, претседателката реагираше и на скандирањата на кошаркарскиот натпревар меѓу Македонија и Романија во Куманово во саботата, посочувајќи дека е неспортски е да се злоупотребува спортскиот терен за „вежбање“ говор на омраза и навредување.

Министерството за внатрешни работи претходно соопшти дека ќе ги санкционира евентуалните националистички испади, како што реагираше брзо по испадите на мала група навивачи на кошаркарскиот натпревар меѓу Македонија и Романија во Куманово во саботата.

Поврзани вести