Skip to main content

Сиљановска – Давкова на средба Гутереш: ОН треба да останат главната арена за справување со светските проблеми

Фото: Kабинет на Сиљановска – Давкова

Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, денеска во Обединетите нации во Њујорк, имаше средба со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш. Како што јави известувачот на МИА, средбата е во рамки на работната посета на претседателката на САД и учеството на 80. Сесија на Генералното собрание на ОН.

Сиљановска – Давкова на средбата изрази почит кон улогата на Гутереш како глас на разумот и правдата во време на големи глобални предизвици и тектонски промени во меѓународниот поредок.

– ОН треба да ја зајакнат својата улога и да бидат главната арена за справување со глобалните предизвици – од војната во Украина и конфликтите на Блискиот Исток, до климатската криза и спроведувањето на Агендата 2030. Затоа се потребни суштински реформи, преку јакнење на репрезентативноста и демократизацијата на Генералното собрание и на Советот за безбедност, истакна претседателката на срдбата со генералниот секретар на ОН.

Нагласувајќи ја важноста на женското лидерство, таа укажа дека активно се спроведува и Вториот национален акционен план за жени, мир и безбедност.

Според неа, водството на Гутереш отвора простор за спроведување на потребните реформи на светската организација, а одличното партнерство со тимот на ОН во земјава, резултира со значајна поддршка на реформите за владеење на правото, борбата против корупцијата и доброто управување – приоритети кои се клучни за македонската европска интеграција.

Сиљановска-Давкова му се заблагодари на Генералниот секретар на ОН за безрезервната поддршка на македонскиот пат кон ЕУ и за неговата позиција за потребата од забрзување на евроинтегративниот процес.

Во соопштението од кабинетот на Гутереш, пак, се наведува дека генералниот секретар и претседателката разменија мислења за случувањата во Западен Балкан, вклучително и процесот на пристапување на Македонија во Европската Унија. Тие разговараа и за соработката меѓу Обединетите нации и Македонија.

По средбата со Гутереш, Сиљановска – Давкова, во Постојаната мисија на ЕУ во Њујорк, ќе присуствува на ручекот што за лидерите од Западен Балкан го организира високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.

Според агендата, таа ќе присуствува и на церемонијата организирана од страна на Атлантскиот совет за доделување награди за глобални граѓани, како и на приемот организиран од меѓународниот центар „Низами Ганџави“.

Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова синоќа присуствуваше на приемот што го приреди американскиот претседател Доналд Трамп.

Предвидено е, таа утре да има обраќање на 80. Сесија на Генералното собрание на ОН.

Поврзани вести