Skip to main content

Шеесет и втора жртва на пожарот во Кочани, двајца во критична состојба, уште 45 се лекуваат во странство

Пожарот во Кочани денеска ја зеде 62-та жртва. Станува збор за пациент, кој од првиот ден, согласно извршената првична тријажа од медицинските тимови, веднаш е упатен на лекување во Воено – медицинската академија во Белград и кој беше интубиран и во критична состојба во изминатиот месец, информираа надлежните на прес-конференцијата што се одржа попладнево во Министерството за здравство.

Професор Андријан Карталов, раководител на КАРИЛ, појасни дека поради тежината на повредите на починатиот на горните дишни патишта и белодробието, како и изгорениците на кожата, тимот за тријажа одлучил да го транспортира пациентот во Воено – медицинската академија во Белград.

Со контактите што ги имале со колеги од Белград, добиле информација дека уште од самиот почеток, пациентот бил во критична состојба.

– Влошувањето настапува во раните часови. Пациентот им подлегнува на повредите денеска, некаде околу 11 часот и 15 минути, појасни Карталов.

Заменик министерот за здравство Јовица Андовски рече дека жртвата е Стојанче Стефанов од Кочани, роден 2001 година.

– Станува збор за пациент, кој од првиот ден, согласно извршената првична тријажа од медицинските тимови, веднаш е упатен на лекување во Воено – медицинската академија во Белград и кој беше интубиран и во критична состојба во изминатиот месец. Станува збор за пациент со 27 отсто зафатеност со изгореници и сериозни повреди од вдишување на чад. Во ВМА е опериран на 4 април и поставен на ЕКМО апарат, преку што се оксигенира крвта преку машина, заради вдишаниот чад. Но, заради сериозноста на повредите, тој поголем дел од хоспитализацијата бил нестабилен и во тешка општа состојба, појасни Андовски.

На денешната прес-конференција беше посочено дека уште двајца пациенти кои се лекуваат во странство, од вкупно 45, се во релативно критична здравствена состојба.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани се случи рано изутрина на 16 март. Животот го загубија 62 лица, а со повреди се здобија околу двесте. 

Поврзани вести