
Предложените измени на Законот за високо образование се катастрофално лоши и наместо унапредување на квалитетот тие воведуваат владина контрола врз универзитетите, образовен една форма тоталитаризам, создаваат дискриминација кај младите, ја рушат автономијата на универзитетите, отвораат врата за партизација и креираат системски и социјални неправди, соопшти на денешната прес-конференција претседателот на СДСМ.
Апелираше овој закон вака да не се поднесува со Собрание. Ако се поднесува во оваа форма во Собранието, како што најави, ќе иницираме јавна расправа за да може целокупната стручна јавност да земе збор, да се слушне нивниот глас за овој закон никако да не помине во оваа форма, туку да се модифицира.
Со овие предложени измени, како што рече, брутално се централизира моќта кај министерот, односно кај владата и со тоа се нарушува автономијата на универзитетите.
-Преку членовите 198, 199 и 201 министерот станува најмоќна фигура во високото образование, со можност да укинува одлуки на универзитетски органи. Наместо координатор, министерот станува наредбодавец и една форма на апсолутен владетел. Членот 13 наместо да ја штити институционалната независност отвора механизам за директна контрола од извршната власт. Ова е спротивно на европските стандарди и принципите на институционална автономија. Универзитетите не смеат да бидат продолжена рака на владата. Второ, дискриминација на младите и партизација на кадарот. Тоа што законот го нуди на некој начин е гробница за младите асистенти, додека внимавајте создава привилегии за веќе пензионирани професори, истакна Филипче.
Член 175, како што рече, практично создава неправичен систем кој ги деградира младите кадри, а им овозможува продолжено влијание на веќе пензионирани професори. Додека младите наставници и асистенти се соочуваат со рестрикции, автоматски исклучување и несигурност, пензионирани професори добиваат право да предаваат и да користат институционални ресурси. И ова, според него, создава сериозен генерациски дисбаланс, го блокира природниот процес на академска обнова и практично го поттикнува одливот на млади кадри од државата. Наместо систем што ги охрабрува младите, како што рече, добиваме закон што нив ги оттурнува или ќе се протеруваат од државава најдобрите умови.
– Практично се нуди закон во којшто науката станува луксуз само за богатите. Зошто? Поради тоа што се наметнуваат строги критериуми за публикации со инпакт фактор, без државата да обезбеди стабилно финансирање на науката, фондови за објавување, истражувачка инфраструктура и институционална поддршка притоа квалитетот се сведува само на бројки. Се поистоветуваат хуманистичките и биолошките науки. Додека хуманистичките науки се занимаваат со системот во државата и тука се прават истражувањата во нашите околности во нашите системи, истражувајќи ги тие работи ние немаме доволен број на национални списанија којшто нудат голем импакт индекс. И тука е несоодветно тоа поистоветување со биолошките науки. Член 123, 161, практично тоа се часописи со инпакт фактор во кој што објавувањето чини над 2.000 евра. Наместо да се понуди систем во кој што државата ќе инвестира во механизми и инструменти кои што на научно-истражувачките работници, наставници на факултетите, младите кадри ќе им овозможи зголемен квалитет на истражување, наеднаш се наметнуваат критериуми коишто е невозможно во овој систем да се имплементираат. И тоа е практично дискриминирачки и социјално неправедно, образложи Филиче.
Според него, се воведува сопственичка дискриминација и монопол на јавните универзитети над приватните што е спротивно и на Уставот и на европската практика. – Член 132 став 10, се забранува приватните универзитети образуваат кадри во клучни области медицина, право, архитектура, иако овие факултети со децении наназад некои нив имаат валидни акредитации добиени од државата. Станува збор за факултети кои што вработуваат професори, друг наставен научен кадар, кои што едуцираат студенти. Во овој момент има на раководни функции во државата луѓе кои што имаат дипломи од тие универзитети. Се поставува прашањето зошто се сака така брутално на тие универзитети, односно факултети да им се одземат акредитациите и да се затворот, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ смета дека има една форма на, како што рече, академски терор престанок на звање и губење на работа по автоматизам. Според него, се воведува казнено дисциплинарен модел каде професорите живеат практично во постојан страв од губење на работата. Член 164 предвидува по автоматизам доколку не се исполнат дел од условите за реизбор, наставникот го губи звањето и работниот однос по сила на закон без заштитни механизми од законот за работни односи.
Филиче рече дека има удар врз интердисциплинарноста и доживотното учење. – Членовите 116,122,123 се ограничува упис на магистерски, докторски студии само на исто или сродно подрачје според статистички кодови, со што се убива можноста за промена на кариерата. И додека светот се спојува се формираат нови струки, тие еволуираат оваа власт ги сече врските помеѓу науките и со тоа се губи можноста луѓето да се доквалификуваат. Докторските студии стануваат привилегија. Барањата за докторски студии се поставени без реална проценка на времето и на трошоците. Докторатот практично останува скап, премногу и недостапен и тоа ќе доведе до една неминовност младите повторно да заминуваат да ги прават тие научно-истражувачки активности и истражување во странство, рече Филипче. Тој информира дека се поставуваат апсурдни кумулативни услови, 50 меѓународни проекти, 500 научни публикации за пет години, кои ги исполнуваат само неколку универзитети. И ова не е за квалитет туку за вештачко стеснување на кругот на оние кои смеат да произведуваат знаење, принудувајќи ги младите да одат во странство.
– Вонредните студии да се забранат е практично социјално неправедно и родово дискриминаторска пракса, затоа што се ограничува пристапот со оваа забрана до образование на вработени лица, возрасни студенти, лица со семејни обврски. Сметам дека ова ќе има сериозен ефект во родовиот контекст, бидејќи непропорционално ги погодува и жените во образовниот сектор. Член 27, став 6 забрана на вонредни студии за наставнички професии директно се погодуваат жените кои треба да ги усогласат семејните обврски со професионалниот развој, рече Филипче. мд/са/
СТАВ НА ВМРО-ДПМНЕ
Наместо кон прогрес, СДС е партија ориентирана кон пропаст. Меѓу низата направени катастрофални штети на државата, со Законот за високо образование кој го донесоа во 2018 година предизвикаа драстично намалување на квалитетот на високото образование во Македонија и го избришаа единствениот македонски универзитет од пошироката Шангајска ранг листа, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, што МИА го објавува интегрално.
Промени се потребни, тоа е општата констатација на целата научна и академска фела во државата. Тим од над 60 академски професори, експерти и претставници на институции, органи и на студентите, изработија предлог законско решение за кое во тек е јавна дебата. Ниту е конечно, ниту насилно ќе се истурка, како што СДС милува да паничи во јавноста.
Традиционална реторика на опозициската партија, дека со законот се врши упад во автономијата на универзитетите. Тоа е апсолутно неточно. Единствено се бара отчетност од универзитетите за трошењето на јавните финансии кои патем, откако ВМРО-ДПМНЕ ја раководи Владата значително се зголемени износите кои ги добиваат. Во 2024 година затекнавме буџет за високо образование од 5 милијарди денари, а оваа година изнесува над 7,5 милијарди денари. Буџетот за наука пак, го зголемивме од 380 милиони денари на 773 милиони денари. Ова можеше да го направи и СДС, доколку ги скратеше парите за Заевци, Артанци и други „другари“ од коалицијата кои нагло се збогатија и исчезнаа од државата.
Новиот предлог Закон дава предност при вработувањето на државните универзитети на најдобрите студенти од генерацијата, на студентите добитници на Инженерски прстен и на оние кои студирале на некој од најдобрите 100 светски универзитети. Така најдобрите умови ќе ги задржиме во државата, а сите ќе ги стимулираме што повеќе да се заложуваат за личен и професионален развој. Потсетуваме дека во време на владеењето на СДС и ДУИ, бројот на ученици се намали за 17 илјади, а на студенти за 7 илјади за само 7 години. Тој тренд го спречивме, а дел од младите и се враќаат во својата земја.
Законот предвидува и враќање на одредени права на студентите, кои со законот на Рената Дескоска, министерка на СДС, беа укинати во 2018 година, а најмногу тоа го почувствуваа студентите со попреченост на кои им беше скратено правото да студираат бесплатно на сите три циклуси на студии.
Точно е дека се зајакнуваат критериумите за напредување во звања. Нема ништо лошо во тоа да се стимулира научниот труд на наставно-научниот кадар на универзитетите. Законот предвидува секој кој сака да напредува во академската кариера да изработува научно-истражувачки трудови од кои дел треба да бидат објавувани во меѓународни научни списанија со импакт фактор, а за што Министерството за образование и наука секоја година ги покрива трошоците на авторите за што се објавуваат јавни конкурси, така што, разобличуваме уште една лага на лидерот на СДС.
Потсетуваме дека за еден универзитет да се најде помеѓу најдобрите 1000 на Шангајската ранг листа, треба годишно да објавува најмалку 1200 научни трудови. Законот на СДС од 2018 година доведе до тоа нашите универзитети да паднат на бројка од 300 до 500 трудови годишно.
Ред мора да постои и меѓу приватните високо образовни установи, а СДС ред не успеа да воспостави и затоа сега им е чудно дека секој треба да го почитува законот и да исполнува услови за работа. Автономијата на високообразовните установи е поврзана со отчетност и не може да функционира надвор од правниот поредок. Министерот за образование и наука отсекогаш имал право да запре акт кој не е во согласност со законот, така што ова не е новина како што СДС презентира.
Докторски студии пак, согласно предлогот ќе можат да организираат првите четири државни универзитети, што ќе стимулира конкурентност, а конкуренцијата носи квалитет. Дополнително, новиот закон е насочен кон интернационализација на македонското високо образование, вмрежување на домашните со странски универзитети, организирање заеднички студиски програми и издавање двојни дипломи.
Ги охрабруваме СДС наместо само критики, во јавноста да изнесат и сугестии за подобрување на содржината на нацрт законското решение. Така ќе покажат државност и грижа за навистина да се подобри квалитетот на високото образование. Сé друго е водење дневна политика, манипулации и обиди за собирање политички поени.

Македонски



