Skip to main content

Размена на тешки обвинувања меѓу СДСМ и Шилегов по неговите јавни настапи

СДСМ остро реагира на настапите и изјавите на Петре Шилегов, оценувајќи дека станува збор за координиран обид на ВМРО-ДПМНЕ за рушење на партијата одвнатре.

Од СДСМ велат дека одамна е јасно оти Шилегов дејствува во интерес на ВМРО, при што, како што наведуваат, останува отворено прашањето дали тоа го прави под притисок или од личен интерес.

„Имајќи ги предвид неговите лични слабости, долгови и политичко минато, предавството на Шилегов кон сопствената партија и членството не е изненадување“, се наведува во реакцијата, додавајќи дека ваквиот развој на настаните бил однапред најавен и од претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Според СДСМ, целата операција е внимателно договорена и синхронизирана со ВМРО-ДПМНЕ, нивните партиски „кујни“ и, како што тврдат, медиумски структури блиски до опозицијата. Посебно се потенцира дека Шилегов во своите јавни настапи користел идентична реторика со онаа на ВМРО, вклучително и квалификациите дека СДСМ е „изолирана партија“ – терминологија која, како што наведуваат, директно потекнува од лидерот на ВМРО, Христијан Мицкоски.

„Целта е јасна – да се релативизираат обвинувањата за криминал кон Мицкоски и да се дефокусира јавноста од криминалните тендери на актуелната власт“, стои во реакцијата.

Од СДСМ тврдат дека оваа, како што ја нарекуваат, „специјална операција“ трае веќе неколку недели, при што секојдневно се напаѓа партијата преку поединци и медиуми кои, според нив, дејствуваат под иста команда.

Како доказ за координацијата, од партијата посочуваат дека текстови и написи од портали блиски до ВМРО биле објавувани во реално време, додека траеле телевизиските гостувања, без вообичаено новинарско задржување или проверка.

„Нема веќе кој да не го гледа ова. Сѐ се случува поради откривањето на криминалните тендери на власта и поврзаноста со медиумскиот октопод“, порачуваат од СДСМ.

Партијата нагласува дека обидите за нејзино уривање нема да успеат.

„СДСМ нема да застане. Од овие напади ќе излеземе посилни. Ниту неколку вакви слаби и координирани обиди нема да нѐ поколебаат во борбата за слободна, демократска и европска Македонија“, се вели во реакцијата.

Од СДСМ додаваат дека во оваа борба не се сами и дека ќе продолжат заедно со граѓаните кои сакаат подобра иднина за себе и за своите деца, порачувајќи дека, иако земјата повторно се соочува со политики од минатото, „по секој мрак доаѓа сонце“.

Од друга страна, Петре Шилегов ги отфрла обвинувањата дека дејствува по диктат на ВМРО, нагласувајќи дека неговите настапи се мотивирани исклучиво од загриженост за состојбите во СДСМ. Тој тврди дека партијата е длабоко поларизирана поради монополизација на одлуките, дека членството и либералната јавност се пасивизирани и дека актуелното раководство со своите политики ја води СДСМ во изолација, оценувајќи дека единствен излез од кризата се суштински промени и преземање одговорност на највисоко ниво.

Поврзани вести