
Д-р Игор Николов, член на кризен штаб во здравството , во Дневникот на МРТВ информираше дека во континуитет заседава и има редовни средби кризниот штаб заедно со стручните лица кои водат грижа за пациентите.
Од информациите што ги имаме утрово, во Штип имаше само еден пациент кој е испишан. Така што, пациентите се во трите големи медицински центри во Скопје и тука редовно се прави проценка дали станува збор за влошување или нема влошување. Проценката на тимовите и на стручните тимови, односно стручите колегиуми беше дека имаме потреба од трансфер на одредени пациенти кои беа префрлени во текот на изминатиот ден, имавме трансфер во Шпанија и трансфер во Турција. Во конкретната ситуација, се бориме со две големи работи. Едната работа е изгорениците кои се настанати во текот на пожарот и втората е инхалацијата на интоксициран воздух, посочи проф. д-р Игор Николов.
Тој ја потенцираше исклучителната соработка и непроценливата поддршка на докторите од странство.
Репатријацијата на пациентите се дискутираше на денениот состанок на кризен штаб, а проценките треба да се прават врз основа на краткорочен и долгорочен план за третман и треба да се процени во кои точно институции ќе бидат хоспитализирани кога ќе се вратат овие пациенти. Тука морам да кажам дека Министерството за надворешни работи ќе има круцијална улога во репартријацијата на пациентите со оглед дека тоа не е едноставен процес.
Секој пациент кој ќе биде вратен од странство, ќе има тим на стручни лица кои најпрво ќе го прегледаат, по што ќе се одлучи дали ќе има потреба од дополнителна хоспитализација.
Огромна благодарност до земјите кои се вклучија веднаш да ни помогнат, особено тимот од израелски медицински персонал кој дојде и работеше заедно со нашите пациенти, тие имаат огромно искуство во вакви катастрофи, потоа тим од Чешка, српски тим и тим од Белгија кои работеа заедно со нашите медицински лица.
Израелците се подготвени да останат и да бидат со нас, да ги споделат протоколите што тие ги имаат и да ги прилагодат на наши услов, врз основа на тие протоколи да овозможиме најдобри услови за пациентите.
Ова е долготрајна битка, заклучи проф. д-р Николов.