
Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова денеска ќе има обраќање на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, во рамки на 80. Сесија на ГС на ОН.
Темата на годинашната сесија е „Подобро заедно: 80 години и повеќе за мир, развој и човекови права“.
Како што јави известувачот на МИА, Сиљановска – Давкова од пленарната сала на Генералното собрание ќе се обрати шеста по ред, а пред неа обраќања ќе имаат претседателите на Тунис, Сомалија, Црна Гора, Палестина и Јемен.
Претходно, Сиљановска – Давкова ќе се обрати и на пленарната сесија посветена на 30-годишнината од Светската програма за млади, на која обраќање ќе има и претседателот на Генералното собрание. Тема на состанокот е „Светска програма за акција за млади: забрзување на глобалниот напредок преку меѓугенерациска соработка“.
Според агендата, вечерва претседателката Сиљановска – Давкова ќе присуствува на приемот по повод 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи со САД.