
Во тек е дистрибуцијата на гласачките ливчиња низ државава за претстојните Локални избори 2025, потврдија за МИА од Државната изборна комисија (ДИК).
Од печатницата „Киро Дандаро“ во Битола изутрината започна дистрибуцијата на 1 013 357 избирачки ливчиња за гласањето на вториот круг на Локалните избори 2025. Од ДИК велат дека дистибуцијата на избирачкиот материјал се одвива без никакви проблеми.
В недела ќе се бираат градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје. Во сабота гласаат болните и изнемоштените, затворениците и лицата во домашен притвор чии пријави се прифатени од општинските изборни комисии.
Локалните избори, според информациите на ДИК, ќе ги следат 1 569 набљудувачи, од кои 904 домашни и 651 меѓународни, а акредитирани за известување од изборите се и 14 странски новинари.
Поради недоволен цензус на првиот круг од локалните избори, во четири општини – Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше – ќе се спроведе нова изборна постапка за избор на градоначалници. Гласањето, согласно Изборниот Законик, нема да се одржи во недела, туку во рок од 60 дена од конечните резултати од Локалните избори 2025.
Во првиот изборен круг од Локалните избори 2025 беше извршен избор на градоначалник во 44 општини.

Македонски








