
Владата ја отфрли предложената листа со тројца кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), оценувајќи дека ниту еден од нив не ги исполнил утврдените услови. Станува збор за обвинителката Ленче Ристоска, судијката на Апелацискиот суд Габриела Гајдова и адвокатот Јордан Апостолски.
По оваа одлука, е донесена нова одлука за формирање на Комисија со променет состав и намален број членови – од девет на пет. Според информациите, Владата согласно законските процедури има право да ја измени Комисијата за избор на кандидати за судија во ЕСЧП, а новоформираниот состав ќе продолжи со понатамошната постапка.
Во новиот состав членуваат претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, претседателот на Врховниот суд, Африм Фидани, в.д. претседателката на Основниот кривичен суд Скопје, Даниела Димовска, претседателот на Основниот граѓански суд, Бесник Авдија и директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Ирина Трајковска Стрезоски.
Со оваа владина одлука престана да важи мандатот на претходниот состав на Комисијата, во кој имаше претставници од повеќе институции – меѓу другите и од Уставниот суд, Министерството за правда, Министерството за надворешни работи, правните факултети, Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.
Од претходниот состав единствено останува Ирина Трајковска Стрезоски, која неодамна беше избрана за директорка на Академијата, а чиј избор е предмет на постапка пред Управниот суд.
Листата со кандидати која сега е отфрлена, подолго време била во процедура, но не стигнала до владина седница. Според предвидената постапка, Комисијата требало најпрвин да го достави предлогот до Меѓународниот советодавен панел на Советот на Европа за мислење, а дури потоа до Владата. Тоа не било направено.
По отфрлањето на листата, постапката продолжува од почеток, со нови кандидати кои ќе треба да бидат селектирани од новоформираната комисија. Судијата Јован Илиевски, чиј мандат во Стразбур истекува на 1 февруари 2026 година, засега останува на функцијата.