
Македонија ги живее најтешките денови. Трагедија каква што не се памети. Нема кој не е гневен но и разочаран што некој се обидува ова да го сведе на политичка битка. Дури и во вакви траорни мигови, партии, поединци, се обидуваат да ја злоупотребат несреќата за партиски пресметки. Да, и на ова се обидуваат да ќарат политички поени кои овој пат може да не се ситни , туку крупни знаејќи ја чувствителноста на настанот.
Ова веќе не е борба или конфликт меѓу партии или личности. Ова е борба да се дознае вистината, да се лоцираат виновниците за убиството на младите луѓе и деца. Да, ова не е несреќен случај туку убиство на луѓе и одговорност мора да има. Трагедијата мора да се расчисти без разлика до кого ќе доведе истрагата. Злоупотреби, протекции, врски не смее да има.
Ова е битка на чесните против нечесните, на оние кои сакаат ред и поредок против оние кои сакаат да биде „како до сега“.
„Како до сега“ веќе не може. Нема назад. Државата мора да почне да функионира. Сѐ по закон.