
Овој петок се очекува на граничниот премин Табановце-Прешево да почне да функционира „One stop shop“, интегрираниот граничен систем на Македонија со Србија. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска најави дека од 4 јули таму ќе се контролира само влезот на луѓе и стоки во државата.
Со Србија, официјално ќе го ставиме во функција на крајот од оваа недела, мислам дека во петок договоривме да имаме церемонија на отворање и почеток на функционирање на овој начин на контрола на патници на граница. Сме во фаза на интензивни разговори и со Република Албанија, каде разговараме за два гранични премини, каде сметаме дека ќе се олесни движењето на граѓаните преку границите со новиот начин на контрола на патници таканаречен „One Stop Shop“, додаде Панче Тошковски.
Едноставно кажано, ние го штитиме нашиот влез, а полициски службеници од Србија ќе го штитам влезот во Србија, со тоа што ќе ги разменуваме информациите многу брзо. Драго ми е што со мојот колега за внатрешни работи од Косово го пуштивме во функција „уан стоп шоп“ навистина како што треба да функционира на двата гранични премини кои што ги имаме со Косово, објасни неодамна Тошковски.
Според Тошковски, се покажа дека ваквиот пристап кон решавање на проблемите за граѓаните е функционален, односно гужвите на граница кои што ги имало до пред месец дена, во Косово, веќе ги нема. Како што рече, многу побргу оди трансферот на нашите граѓани.
Секој од државите си го штити својот влез. Притоа воспоставивме една комуникација преку дигитални алатки, која што е навистина на високо ниво, со што го намаливме времето потребно за проверки и системот функционира така како што очекувавме. Успеавме да имплементираме современ граничен пристап и гранична контрола, додаде министерот.
Министерот денеска најави и дека Македонија ќе отвори две дополнителни ленти за излез на граничниот премин Богородица и уште една за влез на товарен сообраќај.