Skip to main content

Обвинителите што го пуштија Груби дома бараат да не им се намалуваат платите

„Поднесовме предлог на измена на шест закони, со овој пакет на закони се опфаќаат Законот за пратениците, Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, Законот за платите на јавните обвинители, Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија, Законот за платите на судиите, Законот за платите на членовите на судскиот Совет, со коешто се воспоставуваат реални висини на плати“, истакна Бојан Стојаноски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница во Собранието.

Стојаноски објасни дека со овие предложени решенија се врши интервенција во коефициентите и дека ова законско решение е во согласност со Устав и не може да биде обжалено пред Уставниот суд.

„Со овие предложени решенија се врши интервенција во коефициентите, со што се обезбедува национално користење на средствата од Буџетот на Република Македонија. Ова законско решение е во согласност со Уставот, и е единствено законско решение коешто може да влезе во уставната рамка и потоа да не биде обжалено на Уставниот суд“, рече Стојаноски и додаде:

„Со овие измени одредени позиции се намалуваат коишто се во следниов правец. За пратениците и функционерите во извршната власт ги намалуваме коефициентите со што директно го кратиме буџетскиот товар, за судиите и јавните обвинители предвидуваме усогласување на коефициентите со цел нивните плати да бидат во корелација со реалните економски можности на државата, додека за градоначалниците предлагаме нова скала на коефициенти, зависно од бројот на жители во општините. Доколку овие измени денеска бидат усвоени во Собранието, платите ќе се нивелираат со што значи на сите овие функционери коишто се под овие шест закони, платата ќе се намали од 10 до 13.000 денари“.

Oд друга страна Здружението на обвинители излезе со реакција по најавата за кратење на нивните плати:

Имаме најниски во регионот

Неспојлива е функцијата јавен обвинител со извршувањето на било каква друга функција или дејност. Платата е единствен приход за јавните обвинители и таа се движи во распон од минимални помалку од 90.000 до максимални 130.000 денари. Со вакви износи платите на македонските јавни обвинители се апсолутно најниски во регионот, а со останатите европски земји не можат ниту да се компарираат, реагираат денеска преку соопштение од Здружението на јавни обвинители.

„На дневниот ред на 89-тата седница на Собранието на РСМ, закажана за денеска, се предлага закон за изменување на Законот за платите на јавните обвинители предложен од група пратеници. Врз основа на одлука на Собранието и на Извршниот одбор на Здружението на јавните обвинители, донесена на 24.02.2026 година, упатуваме итна јавна реакција со која бараме оваа точка да биде повлечена од дневниот ред, а потребата од измена на Законот во предложената насока да биде детално преиспитана. Јавните обвинители се свесни за сложената економска ситуација во која се наоѓа државата и за потребата од ефикасни мерки за штедење. Но, мора да нагласиме дека согласно член 2 од Законот за платите на јавните обвинители, платата на јавниот обвинител не може да биде намaлена со закон или одлука на државен орган, освен при утврдена дисциплинска одговорност“, се вели во реакцијата од здружението.

Поврзани вести