
Граѓанскиот гнев и болка ќе бидат предмет на обиди за манипулации. Тоа е очекувано. Да бидеме будни и да го чуваме интегритетот на поривот за системски промени, поучени од искуството со Шарената револуција. Граѓаните имаат право на мирно собирање. Но, ако тоа собирање е во функција на политички агенди, на промена на власта за да дојдат “нашите”, нема ништо да направиме. Нашата шанса е во сојуз и притисок, владата и сите институции, да издржат и да испорачаат правда и функционален систем. Овде на тест се граѓанството – да препознае и да отфрли обиди за киднапирање и Владата – да биде голема и да не притиска оправдан револт. Конечно, после ваков удар и болка, време е сите да изградиме здрава дистанца од старите лојалности. Да гледаме на нештата со отворени очи, без партиски светоглед.
Ако нешто е добро, добро е и тогаш кога го прават и тие кои не сме ги гласале. Ако е нешто е лошо, лошо е без разлика што го направиле “нашите”. Во нашата Македонија денеска, мора да се издигнеме над партиските поделби.
Ајде да сме заедно! Без оваа најважна лекција – ново Кочани, верувајте е неминовно! – пишува ексминитерот во владата на СДСМ, Никола Димитров.
Тој порача дека мора да престанеме да навиваме да не нѐ биде. Вели не може да навиваме институциите, државата не само да потфрлат, туку ако треба и да пропаднат само затоа што во моментов не се водени од “нашите”.
Да им “дишеме во врат” на надлежните, силно да критикуваме кога грешат, но да ги поддржиме кога гледаме дека си ја работат работата. Како што медиумите и здравствените работници си ја работеа работата во овие ужасни денови, а богами и јавното обвинителство. Како што владата навремено го вклучи европскиот систем за цивилна заштита. Да бидеме гласни и активни, и прво од себе, а потоа од институциите, да инсистираме на ред и одговорност. Имаме искуство како нација дека промената на власта не значи и промена на системот. Оттука, целта на гласноста мора да биде – системски пресврт.
Да даваме предлози и да туркаме кон одвојување на државата од партиите. Да побараме и од други држави кои ужасната лекција ја искористиле за ресетирање на целиот систем, како Шведска, како и што точно направиле. Владата најави бескомпромисна борба со корупцијата. Во ред е да бидеме најголем сојузник да истрае во тоа ветување, ама да бидеме и најголем проблем ако видиме дека затајува – коментира Димитров.
Не е време за шарена револуција од која веројатно многумина многу научија и се покајаа што беа дел од неа. Целта и на шарената револуција и на сегашните најавени протести, зад кој се виде дека стојат лица од партиите е иста. Агендата е рушење на стабилноста и менуцање на власта без избори. Наместо да се остави простор институциите да ја истераат истрагата до крај, па потоа да се суди, некој сака да го искористи периодот на болка и гнев за да ја хибридизира демократијата. Ќарот би бил ист како во шарената револуција – поединци кои профитираат и толпа маса која се чувствува изиграно, изманипулирано.
Универзитетскиот професор и поранешен потпретседател на СДСМ, Гордан Георгиев, порачува дека не е време за протести, туку да бидеме поддршка на тие што се во позиција да ги променат нештата. Да ги следиме во секој чекот, секој миг, секоја кривина и да не се дозволи ова да се претвори во лов на вештерки.
Судбина ни била да останеме овде, под ова небо, после Кочани. Оваа судбина ја споделуваме сите ние, граѓани кои живееме на оваа територија, оние кои останавме живи.
А како се живее после ОВА? На истекот на седумте дена тага по кошмарот кој ни се случи, додека роднините пријателите, комшиите, соучениците уште не можат да се совземат од болка заради ужасната смрт на нивните најблиски, ние останатите, живи мртовци, мораме да почнеме да делуваме. А ќе можеме ефективно да делуваме само ако прво делуваме индивидуално, а потоа колективно.
Тоа значи најпрво, секој од нас да си ги преброи личните “дуќанчиња” (јас ги избројав за себе, имам 5-6 такви дуќанчиња) и да си ги затвори, со катанец. Тоа значи дека секоја врска, врскичка, имам братучед таму, ќе подмачкам, не се секирај, имаш ли бе чоек таму, абе слушнав си бил близок со неа….сето тоа ќе си го закопате два метри под земја, ќе го погребете. Без тоа нема напред, шансите ни се речиси никакви.
Под дуќанчиња не мислам само на софт и хард корупција и фаќање врски, туку мислам и на разно- разни идеолошки дуќанчиња, персонални преференци, можности за позиции и поголема плата или проект, тага за минатото, можеби и неправда или грев што претходно ви ги направиле овие или оние…Не, не, се’ ќе тргнете на страна.
Второ, откако тоа ќе го направиме, ќе треба да им дадеме полна поддршка на овие што се сега во позиција да го направат тоа за нас. А во позиција се да го направат тоа затоа што и тие се преплашени, и тие се пеплосани, претпоставувам дека се согласувате дека и тие се луѓе. Верувајте, сурово политички кажано, никој не сака ваква хаварија на 9 месеци од почетокот на силен мандат. Преплашени и треба да бидат, и за себе и од нас, но ние мораме да видиме дали се всушност ПРЕКРШЕНИ. Прекршени дека сега или никогаш треба да се средат работите. Искрено, делуваат прекршено, но наша работа е да ги следиме на секој чекор, во секој миг, на секоја кривина. Се разбира, откако претходно сме си ги затвориле дуќанчињата, нели?
Гледам опозицијата доста внимателно се однесува, и тоа е добро, грчот е голем, влогот е државата и целокупниот опстанок на ова општество. Добро знаете дека сите тоа го шепкаме: ова не е држава, не нѐ бива, пак исто ќе биде. Со оваа, би рекол здрава доза на скепса и неверица, треба до крај да ги поддржиме овие кои сега се во можност тоа да го направат. Бидејќи, реално, немаме second best. Власта е во ран мандат, на опозицијата и’ треба време да се консолидира, неаме секонд бест.
Затоа, сите џавкања кои доаѓаат од зачадената смрдлива внатрешност на нашите лични дуќанчиња, треба да ги игнорираме и осудиме. Сите добронамерни поддршки треба да ги охрабриме. Бидејќи верувајте, а тоа вие добро го знаете, веднаш ќе осетиме ако нѐ прелажат, ако нѐ одведат жедни преку вода… низ годините развивме перверзен инстинкт за препознавање на лагата, но и злокобен порив за „препакување“ на нашата вистина. Е тогаш, а и на секоја попатна станица, ќе излеземе на улица, таа не ни бега иако и таа, улицата, многупати досега се покажа како лажовна. Протестот, во индивидуална или колективна форма, го гледам како „протест во ентелехија“, како бивање на штрек 24/7, како поттик да се истераат работите и како кочница да не се претвори ова во лов на вештерки, селективна правда или етничка правда. Можеби сега му е мајката? Што мислите? – пишува Георгиев.