Реализацијата на капиталните расходи оваа година ги проектираме на над 85 отсто за што сметаме дека ќе ја засили економијата и ќе влијaеме врз растот на брутодомашниот производ. Градежништвото ќе земе замав пред се заради проектите што ги реализира државата во делот на патната и железничката инфраструктура, истакнал вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во интервјуто за БлумбергАдриа.
Како што соопшти Министерството за транспорт, тој потенцирал дека главен фокус на Владата оваа година ќе биде најголем економски раст во регионот преку реализација на планираните инфраструктурни проекти.
Очекувам оваа година да отвориме фронт за работа за 67 километри автопат, што за држава како Македонија е прилично солидна бројка во една година. Исто така очекувам оваа година Македонија да биде прва во регионот во делот на економскиот раст, тука пред се градежништвото ќе зема значаен дел и не мислам само на градежната оператива која што е од приватниот сектор, туку се она што го стимулира државата пред се во делот на изградба на автопатиштата, магистралните патишта, понатаму реконструкција на железницата, така што навистина ќе има големи проекти оваа година, вели Николоски.
Тој најави ревизија на сите потрошени средства за капитални расходи на средината на годината за сите буџетски корисници, со тоа што ќе се примени систем за награди за сите кои успешно ги реализирале планираните средства.
Главна наша заложба е успешна реализација на капиталните расходи, но исто така ќе направиме пресек во месец јуни и да видиме како оди реализацијата. Ќе одиме на принцип на наградување, односно ресорите кои добро ќе ги реализираат капиталните расходи ќе имаат можност да добијат и дополнителни средства на сметка на оние кои нема да ги реализираат, бидејќи клучно е да имаме добра реализација на капиталните расходи во споредба со оние од 69,6 отсто од минататa година, додава вицепремиерот Николоски.
Истакнува дека се работат на проект за реконструкција на терминалната зграда на Охридскиот аеродром, а исто така и на воведување на најмалку уште две до три авиолинии.
Тој додаде дека очекува оваа политика на финансиска подршка да го зголеми квалитетот и бројот на патници на домашните аеродроми.
Многу сум горд на оваа работа бидејќи направивме целосна промена на политиките на подршка на субвенционирање. Претходно за жал двата аеродроми тонеа неколку години, а пред тие години беа шампиони во регионот. Од ситуација на шампиони дојдовме до ситуација да тонат, но мислам дека се повторно ќе го вратат стариот сјај. Имаме 9 нови авиолинии за само пет месеци од кога ја почнавме оваа процедура. Работиме проект кој што многу брзо очекувам да излезе во јавноста за реконструкција на терминалната зграда на охридскиот аеродром како и таму би се подобриле условите за работа. Работиме на најмалку уште две до три авиолинии кои што очекувам да излеземе со околу 12 и да го заокружиме овој период што ќе е дополнителен квалитет и патници во Македонија. Дел од тие линии се атрактивни и за дијаспората. На пример линијата Истанбул Охрид е многу атрактивна за дијаспората и за Австралија и за северноамериканскиот континент бидејќи веќе се продаваат авионски карти Торонто-Охрид или Њујорк -Охрид или Вашингтон -Охрид или Сиднеј -Охрид. Исто така и линијата за Женева беше нешто што долго време ја бараше македонската дијаспора, така што мислам дека ќе имаме позитвни ефекти, истакнал Николоски во интервјуто за БлумбергАдриа.