Skip to main content

Николоски: Изградба на болници, проекти во енергетиката, нов проект за Мариово

Изградба на клиничка болница, нов медицински факултет и нов студентски дом во Штип, реновирање на Клиничката болница во Тетово и изградба на комплетно нов Здравствен дом со општа болница во Кичево, се дел од првиот пакет на проекти што ќе се реализираат заедно со брзата пруга, најави вицепремиерот Александар Николоски.  

Според него, станува збор за пет засебни проекти кои што сериозно треба да го подобрат македонското здравство и образование.

-Тоа се пилот проекти и доколку се покажат добри одиме кон реализација на други проекти во делот на здравството, дали ќе биде во Охрид или Битола, Куманово или зборуваме за нов клинички центар во Скопје, тоа се проекти кои би дошле после тоа, но сериозен фокус ставам и на енергетиката. Премиерот најави дека размислуваме проектот Чебрен и Галиште да оди во рамки на финансирањето од Велика Британија, потенцираше вицепремиерот Николоски во емисијата „Вечерно Шоу со Богдан Илиевски”.

Тој зборуваше и за нов проект во Мариово.

– Проектот се наоѓа во Мариово и би значело сериозен воден потенцијал за наводување и за Мариово и за Тиквешкто поле што сериозно треба да го подобри земјоделието, но исто така проектот е добар од причина што околу себе може да развие други обновливи извори на енергија, мислам на солар и ветер и да се отворат производствени капацитети за тоа и секако да се развива и туризмот. Така што кога ќе видите Мариово сега е едно пусто место за разлика на времето кога било наслено и многу богато, така да може да се врати на старите патеки, рече вицепремиерот Николоски.

Посочи дека се работи на проекти кои беа заглавени и истите целосно се придвижени во изминатата година.

-Охрид – Кичево беше проект од кој практично сите беа откажани, сега веќе се гледа крајот таму, браната Отиња, односно вештачкото езеро во Источна Македонија, беше нешто што одеше тешко, сега го одглавивме, Прилеп-Градско првата фаза веќе ја пуштивме во употреба, втората е пред завршување, тука се коридорите 8 и 10д, односно Тетово-Гостивар, Гостивар – Букојчани, Прилеп-Битола автопатите каде што немаше никакви активности, така што имаме една сериозна инвестициска активност. Тука е и проектот за градски воз во Скопје, проектот за набавка на 120 електрични еколошки автобуси, од кои 80 ќе бидат за Град Скопје, 40 за останатите општини во државата. Во моментов имаме активна реконструкција и опремување на Градската болница “8-ми Септември” и уште десетина проекти кои што паралелно ги водиме, така што практично играме десеттобој, но сум задоволен бидејќи има резултати, истакна Николоски.

Тој најави и новитет во однос на авиосообраќајот каде во изминатата година се отворени 11 нови дестинации од аеродромите во Скопје и Охрид, а следува и реконструкција на охридскиот аеродром.

-Во текот на летото ќе излеземе со вест која што ќе е бум за сите кои што сакаат да патуваат и за туристите кои што сакаат да доаѓаат во Македонија, со што ќе имаме едно сериозно подобрување на поврзаноста на Македонија,  додаде Николоски.

Во мојот ресор одзедов 489 лиценци. Очекував да се случи баш тоа што се случи, а тоа е дека носителите на тие лиценци ќе се обидуваат да го изигруваат системот преку судски процеси. Заради тоа сменивме 9 закони и сега веќе одземањето на лиценцата е правосилно со самото одземање. Секако постои право на жалба, но тоа не го одлага извршувањето. Секако работите не можат да се сменат преку ноќ, но некои почетни контури се гледаат, вели Николоски.

Вицепремиерот се осврна и на трагедијата во Кочани, која, како што рече беше голем шок, но и освестување за народот и јавноста. Додаде дека будно ги следи активностите на Обвинителството, во однос на преземените дејствија во истрагата за кочанската трагедија.

-Единствената причина зошто ние дадовме шанса, е да не се блокира истрагата, така што ќе видиме сега што ќе донесе Oбивинителството. Јас се надевам дека професионално ја работат работата и на најпрофесионален начин ја завршуваат работата, но за брзо ќе го видиме исходот,  рече вицепремиерот Николоски.

Во однос на критиките упатени од страна на опозицијата, вицепремиерот Николоски истакна дека истите се без кредибилитет.

-СДСМ се’ уште не сфаќа што им се случи. Народот генерално кон СДСМ имаше три револти. Првиот беше заради енормната корупција. Вториот беше заради толеранцијата заради се што правеше ДУИ и третиот беше заради силното национално понижување. Во однос на третово, вртат повторно иста плоча. Повторно дека треба да свиткаме кичма кон Бугарија, дека треба да попуштиме за да напредуваме во однос на интеграциите. Значи тие не ја сфатиле пораката, како што не ја сфатиле пораката и во однос со ДУИ,  додаде Николоски

Поврзани вести