
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека прашањето за полагањето на правосудниот испит на албански јазик мора да се решава суштински и исклучиво во рамки на Уставот и законите, нагласувајќи дека со постојната законска регулатива тоа не е возможно.
Мицкоски посочи дека Уставот јасно утврдува оти официјален јазик во државата и во меѓународната употреба е македонскиот јазик, но истовремено признава и официјален јазик на заедницата која е повеќе од 20 проценти, односно албанскиот јазик. Според него, во Уставот е наведено и дека комуникацијата во државната управа може да се одвива и на јазикот на заедницата, но само откако тоа ќе биде утврдено со закон.
Ние мораме овој процес на полагање да го утврдиме со закон. Ваков закон каков што е сега – не дозволува. И тоа не само за албанскиот јазик, туку за сите јазици споменати во преамбулата“, изјави премиерот, потенцирајќи дека не станува збор за политичка волја, туку за јасна правна процедура.
Тој додаде дека доколку постои иницијатива за вакво решение, неопходно е да се изработи нов закон и истиот да се испрати на мислење до Венецијанската комисија, која треба да оцени дали е во согласност со Уставот. Мицкоски потсети дека и во минатото, при носење закони од областа на правосудството, Венецијанската комисија давала негативни мислења, што, според него, укажува на потребата од внимателен и правно издржан пристап.
Изјавата на премиерот доаѓа по ставовите кои беа изнесени во јавноста од страна на министерот за правда Игор Филков изјави дека правосудниот испит не може да се полага на албански јазик.

Македонски



