Skip to main content

Мисајловски: Остануваме посветени на континуирано вложување на два проценти од БДП за одбраната 

Нашата земја останува посветена на намерата за континуирано вложување на два проценти од БДП за одбраната, што ја позиционираше меѓу две третини од сојузничките држави кои ја имаат исполнето оваа заеднички цел на НАТО, порача министерот за одбрана Владо Мисајловски во обраќањето на денешниот состанок на Северноатлантскиот совет во Брисел. 

Мисајловски даде целосна поддршка и на зацврстувањето на концептот за одбрана и одвраќање на НАТО, преку исполнување на дефинираните цели на способности и континуираното вложување во модернизација и опремување.  

Тој истакна дека за оваа намена се одвоени над 32 проценти од македонскиот одбранбен буџет за 2025 година или над 106 милиони евра, додавајќи дека НАТО треба да продолжи да работи заедно со Европската Унија на развој на одбранбените капацитети, а се осврна и на македонскиот придонес кон колективната одбрана на Алијансата. 

Мисајловски воедно му упати честитки на Пит Хегсет за преземањето на функцијата секретар за одбрана на САД. 

Попладнево Мисајловски ќе учествува и на неформалниот состанокот на Советот НАТО-Украина во форма на работен ручек, на кој ќе присуствуваат и украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров и високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и одбранбена политика Каја Каласи на кој ќе се разговараме за тоа што може Алијансата да направи повеќе за да го поддржи Киев во справувањето со руската инвазија. 

Поврзани вести