Министерот за одбрана Владо Мисајловски соопшти дека на затворена владина седница, пред неколку недели поминале шест нови договори за набавка на воена опрема од САД.
Вчера на собраниската комисија за одбрана помина информацијата, каде имаме шест нови договори, Влада со Влада. Ова се први договори кои како ново раководство можеме да ги потпишеме. Јас сум навистина среќен. Станува збор за многу сериозна опрема, каде наредниов период ќе започне производство и наредните години ќе пристигне. Станува збор за едни од најсовремените беспилотни летала со домет од 10-20 км, конверзија на оружјето што го имаме, согласно потребите од НАТО со овој договор ќе направиме конверзија. Дополнителни договори за Сајбер безбедност, бидејќи е многу важна – рече Мисајловски, без да ја наведе вредноста на споменатите набавки.
Тој во поткастот додаде дека генерално, годинава армијата ќе биде сериозно модернизирана, бидејќи во текот на 2025-тата ќе се реализираат повеќе договори кои биле претходно потпишани.
Најдраго ми е што огромните договори кои ги имаме со САД, оваа година ќе ги видат сите. За брзо време, на крајот на овој месец и на почетокот на следниот, стигнуваат новите оклопни транспортери. Станува збор за Страјкер, кои се едни од најмодерните и очекуваме до крајот на годината да стигнат сите, преку 40, што е навистина сериозна инвестиција, но и едни од најдобрите проекти. За брзо време од сега ќе имаме една убава промоција за секој еден од граѓаните да види каква опрема стигнува во Македонија – рече тој.
Мисајловски откри дека до крајот на годината постепено ќе стигнуваат во Македонија и лесните оклопни возила.