Skip to main content

Мицкоски за „Безбеден град“: Ќе го издржиме политичкиот удар, само да спасиме човечки животи

Премиерот Христијан Мицкоски ја поддржува примената на „Безбеден град“ и поддржува проширување на проектот на целата територија на земјата.

-Некои велат „тоа ќе донесе критика за Владата, ќе донесе силен политички удар“, јас велам „подготвени сме да го издржиме политичкиот удар, само да спасиме некој човечки живот“. Затоа што само изминативе недела-две, во строгиот центар на главниот град имавме три жртви, што повредени, што луѓе кои го изгубија животот поради неприлагодена брзина и непочитување на сообраќајните правила. Јас во разговор со министерот за внатрешни работи реков дека подготвени сме како Влада да ги трпиме сите критики, слушам некои поранешни пратеници на СДСМ и ДУИ кои го критикуваат ова, возеле 52,53,55, па добиваме опомени. И со 50,5 ќе добијат опомени бидејќи си има правила што значи прилагодена, а што неприлагодена брзина. И ако еден човечки живот успееме да спасиме, еве јас сум подготвен целиот товар да го прифатам на себе и да ја понесам целокупната политичка одговорност, рече Мицкоски.

Мицкоски посочи дека човечки животи се губат поради непочитување на сообраќајните правила, а најчесто поради неприлагодена брзина.

-Ние алармиравме дека до ова ќе дојде. Видеовте дека во текот на еден ден колку сообраќајни прекршоци се направени. Голем дел од нив се затоа што несовесни возачи управуваат патнички возила кои не се регистрирани. Неколку илјади прекршоци од вчера беа заради поминување на црвено светло. Само вратете се назад и ќе видите колку луѓе го изгубија својот живот затоа што некој управувал патничко возило, не ја прилагодил својата брзина и поминал на црвено светло, рече премиерот.

Поврзани вести