
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска заедно со директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов е во ловиштето Јасен каде што веќе неколку дена вработените во ДЗС, припадниците на специјалните единици во МВР, но и Министерството за одбрана се борат со огнената стихија.

Можам да кажам дека делумно е под контрола, иако се уште во позадина дека има огромни јазици на пламен, дејствуваат и воздухопловите, дејствуваат и Ер тракторите заедно со хеликоптерите. Се надевам дека во најскоро време и овој пожар ќе биде ставен под целосна контрола, иако морам да кажам дека во текот на вчерашниот ден на територијата на Македонија имавме околу 34 активни пожари, од кои 33 се изгаснати. Денеска останатиот дел од територијата е целосно под контрола, немаме активни пожари, иако ситуацијата се менува од минута во минута, изјави Мицкоски.
Премиерот се заблагодари до сите оние кои што навистина во овој момент се справуваат многу успешно со овие огнени стихии.

Имајќи ја во предвид состојбата на Балканот, имајќи предвид дека веќе дел од балканските држави имаат загубено за жал и човечки животи, таква е состојбата во Црна Гора, Албанија, Грција, во Турција, соседна Бугарија. Се надевам дека ќе дојде крајот на овие огнени стихии, апелирам на однесување какво што треба во рамки на движењето по шуми, иако тоа е забрането, но од очевидци можам да кажам дека оваа огнена стихија е настаната од удар на гром, според тоа што го слушнавме овдека. Така што сакам да упатам до граѓаните дека состојбата е под контрола дека се е како што треба до овој момент, иако борбата со огнената стихија овде во ловиштето Јасен продолжува. И огромна благодарност до сите оние храбри луѓе кои се борат со оваа огнена стихија и која што ја ставаат под целосна контрола, изјави Мицкоски.
