
На денешната седница на Собранието посветена на пратенички прашања, претседателот на Владата Христијан Мицкоски се осврна на обвинувањата на опозицијата за евроинтегративниот процес.
„Изјавите кои доаѓаат од дел од опозицијата, во случајот СДСМ, без разлика кој ги испраќа од актуелното раководство, се навистина збунувачки. Би рекол чудни изјави кои немаат за цел да ја кажат вистината, туку имаат за цел да направат што поголема сензација со растурање пердуви и невистина, надевајќи се дека ова раководство после поразот на следните парламентарни избори, сѐ уште ќе остане да биде раководство. Тие немаат стратегија или стратешка комуникација, која има за цел да создаде конструктивна дебата и преку неа да понуди нешто во јавноста“, изјави премиерот.
Според него, тоа опозицијата го прави методолошки преку лажење.
„Минатата година ширеа таква паника дека буџетот е празен, плати и пензии немало да се исплаќаат, долгот и буџетскиот дефицит се зголемувале, па еве не само што не банкротираше државата, туку напротив државата според сите параметри во регионот, е држава за пример. Потоа излегоа со оние спектакуларни прес-конференции напаѓајќи го договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство и не убедуваа дека во април месец ќе имало овде мигранти. Април месец го има денес својот последен ден“, дополни Мицкоски.
Тој потсети дека опозицијата држеа прес-конференции и кога се случи акцијата во платежната агенција и зборуваа за закочени европски интеграции, а демант за тоа дојде директно од Брисел кои рекоа дека се ослободуваат фондовите и ја пофалија Владата за навремената акција.
„Е сега, како СДСМ го поимаат терминот откочени евроинтеграции, со промена на име, со откажување од Македонците од другата страна на границата, со премолчување дека македонската заедница во Бугарија не може елементарно човеково право да оствари и да регистрира невладина организација, со тоа што прифаќа покрај Копенхашките критериуми во преговарачката рамка, бидат вклучени билатерални договори, па и згора на тоа и Протоколи, каде основен критериум за напредокот на државата биде одлучувањето на историската комисија каде се разговараат прашања од средниот век. Така тие ги замислуваат европските интеграции и откочениот европски пат“, истакна претседателот на Владата.
Мицкоски предупреди дека во периодот кој следи, комуникацијата која ќе доаѓа од партиската говорница на СДСМ ќе биде насочена исклучиво да создаде алиби како раководството да остане после поразот на следните парламентарни избори, кој ќе биде поголем од последниот.
„И да не ве зачуди ако воопшто и не учествуваат на тие избори. Сега прво ќе ја напуштат Комисијата за преговори за изборниот законик, па ќе го напуштат Собранието, и потоа може да кажат дека нема да учествуваат на избори затоа што нема фер избори. Инаку, техничката влада ќе важи за следните избори и ќе може да си номинираат. Со тоа ризикуваат да ги изгубат сите оние можности кои им ги нудат законите во Македонија, членови во комисиите, членови во избирачките тела, членови во избирачките органи, право на рекламирање, членови во ДИК и слично. Ако одлучиле така да се однесуваат ние не можеме да им помогнеме. Ние мораме да се фокусираме на граѓаните“, заклучи Мицкоски.

Македонски


