Премиерот Христијан Мицкоски најави дека на 18 јануари заминува во посета на Соединетите Американски Држави (САД). Датумот на неговата посета на САД, што тој ја најави во интервју за МИА, е на два дена од закажаната инаугурација на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп на 20 јануари.
Во интервјуто за МИА премиерот најавува дека за време на посетата на Вашингтон се предвидени многу средби и разговори и теми што сака, како што вели, да ги отвори и да ги затвори.
Најави дека ќе оствари средби со водечки луѓе од администрацијата на Вашингтон.
„Покрај Брисел, Вашингтон е исклучително значајно место за нас како држава и за нас како Влада. Очекувам да го привлечам вниманието за САД да гледаат кон Балканот со поинваква оптика. Мора прво регионално да го привлечеме вниманието – Вашинготн да гледа кон нас како регион, а не како единка во тој регион. Да – важна единка, природна крстосница, срцето на Балканот, но, сепак, ако го гледаме Балканот како целина тогаш низ оптиката на Вашингтон поубаво можеме да ги гледаме работите и сакам сето тоа да го презентирам таму, кои се предностите кои ние како мала, убава земја во срцето на Балканот ги нудиме, но и кои се предизвиците за регионот“,рече Мицкоски во интервјуто.