![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2024/11/ljupco-kocevski.png)
Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарското прашање за разрешување на Државниот јавен обвинител, истакна дека Љупчо Коцевски, имал доволно можност да се покаже како бескомпромисен борец за правдата и против оние случаи каде што има основано сомневање за сторен криминал, меѓутоа, како што рече довербата не ја оправдал.
„Па, не би го коментирал него повеќе, јасно кажа Владата. Имаше тој, доволно можност да се размрда, да се покаже како бескомпромисен борец за правдата и против оние случаи каде што има основано сомневање за сторен криминал. Но, очигледно, дека барањето изговори и купувањето време се нечија карактерна особина. Така што мислам дека имаше тој доволно време да покаже, за жал, таа доверба не ја оправда и сега Владата отпочнува еден процес.“, изјави премиерот.
Премиерот Мицкоски нагласи и дека чесно и доблесно би било Државниот јавен обвинител самиот да се повлече, со цел да се избере обвинител кој ќе работи против криминалот и корупцијата во државата.
„Денеска бев во Парламентот, тој процес се започна во Парламентот, во Парламентот ќе заврши. Така што мислам дека чесно и доблесно од него би било да самиот се повлече и да го скратиме овој период, да можеме да избереме обвинител, кој што бескомпромисен борец ќе биде, против криминалот и корупцијата во Македонија.“, рече премиерот.