Skip to main content

Мицкоски: Инвестираме во младите и европската иднина преку Еразмус+

Премиерот Христијан Мицкоски денеска истакна дека преку програмата Еразмус+, младите во Македонија имаат пристап до моќен европски финансиски инструмент кој овозможува меѓународна мобилност, учење и професионален развој.

Обраќајќи се на настанот во организација на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, одржан на Економскиот факултет при Универзитет Св. Кирил и Методиј, Мицкоски нагласи дека учеството на Македонија во програмата Еразмус+ како програмска земја обезбедува целосен и рамноправен пристап до сите активности, идентично како и земјите членки на Европската Унија.

„Ова не е симболична, туку суштинска европска интеграција преку образованието, младите и знаењето“, истакна премиерот.

Тој посочи дека за 2026 година е обезбеден најголемиот буџет досега во рамките на програмата, во вкупен износ од над 8 милиони евра, што, како што рече, претставува јасна определба државата да инвестира таму каде што приносот е најголем – кај младите.

Мицкоски се осврна и на значењето на Европската младинска картичка, која овозможува попусти и поволности за младите во 38 европски држави, оценувајќи дека таа, покрај практичните придобивки, создава чувство на припадност кон европската младинска заедница.

Во обраќањето беше истакната и улогата на Националната агенција во спроведувањето на Акцискиот план од Законот за младинско учество, преку кој младите добиваат можности за активно учество во носењето одлуки, пристап до квалитетни информации и поддршка за личен и професионален развој.

„Младите не се само корисници на политики, туку активни чинители во општеството“, нагласи премиерот.

Според Мицкоски, Еразмус+ претставува клучен механизам и за студентите и за универзитетите, овозможувајќи студиски престои во странство, јакнење на институционалните капацитети, модернизација на наставата и активно вклучување во европски академски и истражувачки мрежи.

Тој ги посочи задржувањето на младите, активното граѓанство, социјалната инклузија и европската интеграција како клучни приоритети што се поврзуваат со програмата Еразмус+ и националните младински политики.

„Нашата визија е Македонија како држава што инвестира во младите, создава можности и гради европска иднина дома“, порача Мицкоски, изразувајќи уверување дека програмските приоритети за 2026 година ќе бидат чекор напред кон поактивни млади и посилни институции.

https://www.youtube.com/watch?v=rDMJAKP1-hs

Поврзани вести