Skip to main content

Мицкоски: Граѓаните да не наседнуваат на провокации, упатувам порака за единство и смиреност

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска испрати порака до граѓаните за единство и смиреност, да не паѓаат на провокации нагласувајќи дека доста беа поделби. Тој кажа дека случувањата поврзани со знамињата нема да влијаат туку дополнително ќе ја зајакнат врската во Владата и со граѓаните.

Министерството за внатрешни работи, Бирото за јавна безбедност и СВР Скопје реагираа многу трезвено на тоа без да се ескалира тоа, без да настанат инциденти, а сите оние сторители на кривично дело согласно членот 319 од Кривичниот законик веднаш беа лишени од слобода, извадени пред јавен обвинител и од сега па натаму е веќе судски процес на кој ние како Влада не можеме да влијаеме. Но, исто така предупредувам дека тој член 319 од Кривичниот законик се однесува не само за државното знаме, туку и за знамиња на други држави. Затоа повикувам на смиреност, да не бидеме жртви на провокација, рече Мицкоски кој беше во посета на неколку населени места во Тетовско.

Мораме да бидеме зрели и свесни, додаде тој, дека вакви работи ќе се случуваат затоа што, како што кажа „овие луѓе се исплашени за милионите кои ги спечалија на грбот на обичниот народ и сега знаат дека доаѓа време за правда, правдата е бавна но таа доаѓа“.

Мојата порака до граѓаните без разлика од етничката припадност и Македонци, и Албанци, и Турци, и Срби, и Власи, и Роми, и Бошњаци, сите… е да не наседнуваме на овие луѓе, да не наседнуваме бидејќи тие за неколку месеци од денеска ќе бидат и фактички минато на политичката сцена, ќе бидат поразени на локалните избори и со тоа трајно ќе заминат од политичката сцена. Затоа да не наседнуваат на таков тип на провокации. За жал ќе има таков тип на провокации, но ги молам од мое име од името на Владата да ги отфлат како туѓо тело, рече Мицкоски.

Според него, последните настани со знамињата не само што нема да влијае, туку дополнително ја зајакнува врската во рамките на Владата, но и на Владата со граѓаните.

Знам дека постои една изолирана политичка група која изминативе пет, сега веќе шести месец тешко се навикнува после повеќе од две децении во власта да биде во опозиција, но она кое што нив ги вознемирува е фактот дека можеби правдата е спора, но полека се доближува до нив. Тие се свесни што правеа овие две децении и бидејќи знаат што правеа, стануваат уплашени и единствената алатка која што им останува на располагање е токму кое што вие го споменавте, раздорот, обидот за прадизвикување меѓуетнички тензии, итн. Тоа нема да го дозволиме, потенцира Мицкоски.

Премиерот кажа дека е во интензивна комуникација со нашите стратешки партнери, со членовите на Владата, со други групи и со граѓани.

Еве денеска сум во Јегуновце, продолжуваме понатаму и во Тетово, и во Теарце денеска. Сакам да испратам порака на единство, доста беше поделби, сега кога имаме и суфицит во Буџетот, кога конечно се реализираат проекти, кога носиме странски инвеститори, кога се прават реформи, кога се зголемуваат пензии, плати итн, кога после многу квартали и години и тргнува на македонската економија. Јас сум свесен дека овие сеништа од минатото ќе сакаат да не вратат во минатото, нема да дозволиме. Отпорни сме на тоа, имаме стратегија и ќе се спротиставиме на тоа, затоа повикувам на смиреност, на единство, рече Мицкоски.

Ова, нагласи тој, е наша заедничка татковина, тука сме се родиле, тука сме се радувале, сме тагувале, и најверојатно најголемиот дел од нас и тука ќе го заврши нашиот живот.

Затоа треба заеднички да се бориме за една модерна, просперитетна Македонија, рече Мицкоски.

Потсети дека предупредувал на вакви сценарија уште од пред неколку месеци и рече дека нема да биде ова последниот обид.

Ќе има и други обиди за ексалација, за меѓуетнички тензии итн, дури и ова што се случуваше пред неколку дена од наша страна беше превенирано и антиципирано и беа предупредени сите релевантни фактори и нашите стратешки партнери, рече Мицкоски.

За барањето на ДУИ за интерпелација на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и рекациите на опозицијата рече дека работа е на опозицијата да поднесува интерпелација, но оти не гледа логика во тоа нивно барање.

Јас апсолутно не гледам логика во тоа нивно барање бидејќи еден дел од опозицијата вели не постапувале, друг дел вика премногу жестоко постапувале. Навистина пораките од коалициската опозиција ДУИ- Левица- СДСМ се малце збунувачки. Понекогаш и се чудам кој ги пишува тие пораки. Да не некој им сместува ваков тип на пораки, рече Мицкоски.

Поврзани вести