
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот митинг во Ѓорче Петров во рамки на кампања за локалните избори 2025 истакна дека овие избори се одлука дали ќе одиме напред или ќе се вратиме назад. Со заокружување на бројот 9 на 19 октомври бираме програма и план со кој општините и државата ќе станат современо и убаво место за живеење.
Мицкоски нагласи дека 15 месеци владата ги гради темелите кои претходно СДС и ДУИ 84 месеци ги рушеа и ги упропастуваа.
„Оваа Влада е на позиција и ја има одговорноста пред граѓаните точно една година и три месеци. Во овој период од 15 месеци ги градевме темелите кои претходно 7 години, цели 84 месеци, ги рушеа и целосно ги упропастуваа. Кренавме држава пред банкрот. Кога го слушам Венко Филипче, излегува како тие никогаш да не биле власт во оваа држава. Како да не беше тој најсигурниот министер на кој Зоран Заев се потпираше. Тој денес ни објаснува дека во негово време и во време на неговиот ментор подобро се живеело, и дека тие двајцата се бореле за сопствениот дом, а ние не сме се бореле. Ова е врвно лицемерие. Тоа беше време кога 500 илјади граѓани живееја со само 150 денари дневно. Единствен „подарок“ за животниот стандард беше инфлацијата, која редовно беше двоцифрена и го јадеше стандардот на граѓаните. Се сеќавате ли на скандалите, тендерите во РЕК, фирмите на поединци кои добиваа работа и провизиите што транспарентно ги редеа во свои џебови?“ кажа Мицкоски.
Мицкоски ги потенцира скандалите на СДС и Филипче и истакна дека СДС и ДУИ се грижеа за „нашиот дом“ така што ја клекнаа Македонија на колена.
„Венко сака да ни објасни дека се грижеле за нашиот дом, а пред само 15 месеци, немаше ден без скандал. Предавство по предавство правеа. Се грижеа за „нашиот дом“ така што ја клекнаа Македонија на колена. Прво беше промената на името, потоа договорот за пријателство со Бугарија, со кој ја отворија Пандорината кутија, што денес нè доведе до оваа ситуација до која што сме а потоа следеше прифаќање на оној бугарски ултиматум. Вчера го слушав како се повикува на АСНОМ. А заборава дека тој и неговиот учител, ментор, се поплукаа на АСНОМ тогаш кога кажаа дека нашиот источен сосед за време на втората Светска војна во Македонија биле ослободители, биле администратори а не окупатори. Дека јазикот ни „паднал од небо“ последните децении и дека нема историски континуитет. Не може Венко да се повикува на АСНОМ, а да не се огради од ова. Не може да бидеш од една страна и партизан а од друга страна соработник со окупаторите во Втората светска војна“, нагласи Мицкоски.