
Медицинските тимови на Израел и Чешка попладнево беа на прием кај претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова, во придружба на нивните амбасадори.
Тимовите од Израел и Чешка многу помогнаа во лекувањето на повредените кои настадаа од пожарот кој се случи на 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 59 лица, претежно млади и деца, а 178 беа повредени. На лекување надвор од државата се 115 пациенти, а останатите се во болницте во Македонија. Моментално во Клинички центар се хоспитализирани 25 пациенти, во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ се 12 пациенти, во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ 11 пациенти и во Клиничка болница Штип 1 пациент, а во приватните болници има 9 пациенти.
Имав особена чест да ги примам медицинските тимови од Државата Израел (16 члена) и Чешката Република (6 члена), во придружба на нивните амбасадори, пред заминувањето.
Тие, заедно со веќе заминатиот српски медицински тим од ВМА, извршија стотина операции во соработка со македонските лекари.
Се работи за лекари со врвно знаење, професионалност, хуманост, пожртвуваност и етика. Убаво е да се чујат комплименти за нашите лекари, како и изразена спремност за нивна едукација.
По она што го чув од нив, не можев да најдам соодветни зборови за да им изразам должна благодарност.
Од срце им благодарам за херојскиот ангажман во спасувањето на животите на настраданите во апокалиптичниот пожар. Никогаш нема да го заборавам нивниот несебичен лекарски потфат!, објави претседателката.