Skip to main content

„Марш за ангелите“ денеска во Скопје за вистина и правда

Денеска, 15 ноември, во главниот град ќе се одржи „Марш за ангелите“ – протестен марш во спомен на 63-те млади луѓе кои загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Настанот започнува во 12:05 часот на плоштадот „Македонија“, по што учесниците ќе се упатат кон парламентот, а завршува пред Основниот кривичен суд.

Манифестацијата е во организација на граѓанските иницијативи „Кој е следен!“ и „16 Март 2025“ и претставува прв ваков марш во Скопје, по неколкуте саботни собири во Кочани организирани од родителите на загинатите.

„Не сакаме милост, туку вистина и правда. Болката е наша, но борбата е за сите. Ни треба вашата поддршка“, порачаа родителите, повикувајќи на масовно учество.

Организаторите апелираат до сите граѓани:


„Дојдете и бидете со нас. Секоја поддршка значи сила, секој човек е важен. Да застанеме заедно, да покажеме дека болката не нè скршила и дека борбата за вистинска правда продолжува.“

Во меѓувреме, Кривичниот суд, Обвинителството и Адвокатската комора соопштија дека ќе преземат сите потребни мерки за непречено и ефикасно спроведување на судењето за случајот со пожарот во „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а околу 200 беа повредени.

Првото судско рочиште е закажано за 19 ноември. Според обвинението, 34 физички и 3 правни лица се товарат за тешки кривични дела против јавната безбедност. Судскиот процес ќе го води тим од околу 15 обвинители, соопшти државниот обвинител Љупчо Коцевски.

Поврзани вести