Skip to main content
E74GyjFSNEw

Манасиевски: Судии со само 2% доверба бараат плати до 360.000 денари

Членот на Централниот комитет на ВМРО–ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, денеска реагираше на најавите од правосудните здруженија за зголемување на платите во судството и обвинителството, оценувајќи дека барањата се нереални и недостојни за институции со исклучително ниска доверба кај граѓаните.

Според Манасиевски, со едвај 2% доверба во судството, македонските судии и обвинители – кои и сега се меѓу најплатените во регионот – бараат двојно зголемување на платите.

„Македонските судии и обвинители моментално земаат од 2,3 до 3,2 просечни плати, односно од околу 100.000 до 144.000 денари, додека претседател на суд добива околу 180.000 денари, или приближно 3.000 евра. И сето тоа со помалку од 2% доверба“, рече Манасиевски.

Тој направи и регионална споредба:

Во Србија, судиите земаат околу 2.000 евра, но довербата во судството е околу 20%.

Во Хрватска, платите се околу 3.350 евра, исто со 20% доверба.

Во Словенија, со 41% доверба, платите се од 1.740 евра на почетокот на кариерата до над 4.000 евра на крајот.

Во Германија, судиите имаат плати околу 3.300 евра, со висока доверба од 58%.

Манасиевски нагласи дека последните предлози на судиите и обвинителите предвидуваат драстични зголемувања: судија би земал околу 160.000 денари, а претседател на суд дури 360.000 денари, односно над осум просечни плати.

„Тоа би значело дека претседател на суд во Македонија ќе има поголема плата од колегите во најголемиот дел од Европа, иако довербата е на историски најниско ниво“, истакна тој.

Манасиевски апелираше до судството на „разумност и посветена работа во интерес на граѓаните“, додавајќи дека довербата нема да се врати со повисоки примања, туку со подобри резултати, побрзи постапки и реална правда.

Поврзани вести