
Поставивме цврсти темели врз кои ќе може да се надоградува една модерна, урбана, чиста и динамична Битола. Темели на инфраструктура, на енергетска ефикасност, на нови образовни стандарди, на култура и спорт, на заштита на животната средина, истакна актуелниот градоначалник и кандидат за втор мандат Тони Коњановски.
На првиот ден од кампањата, Коњановски посочи дека зад себе остава мандат со четири години посветена работа и заедно со коалицијата на ВМРО ДПМНЕ најави продолжување на како што рече ритамот на градење.
-Се градеше насекаде, од централното градско подрачје, до најоддалечените рурални места. Се работеше на јавните објекти, топлификацијата, инфраструктурата, културата, спортските објекти, се изградија патишта од над 50 километри. И се уште се гради, не само поради проектите кои што ги започнавме, туку затоа што веруваме дека нашиот град заслужува да има иднина, заслужува да биде поквалитетно место за живеење и заслужува да се движи напред.Поставивме цврсти темели врз кои ќе може да се надоградува една модерна, урбана, чиста и динамична Битола. Темели на инфраструктура, на енергетска ефикасност, на нови образовни стандарди, на култура и спорт, на заштита на животната средина, истакна Коњановски.
Според кандидатот за градоначалник Коњановски, за битолчани доаѓа период во кој трудот ќе почне да носи видливи резултати.
-Следните четири години ќе донесат реализација на нови проекти и години на живеење со резултатите од сето тоа што го работевме. Битола е град на историјата и традицијата, но и град на млади луѓе кои имаат право да сонуваат за сопствена иднина дома, во својот град. Затоа, заедно со мојот тим, ќе продолжиме да работиме на создавање на нови работни места, да привлекуваме инвестиции и да ги задржиме младите, нудејќи им квалитетен живот. Да ја јакнеме локалната економија со социјален напредок. Ќе го поддржиме локалниот економски развој и новите работни места, преку партнерство и соработка со бизнис секторот, истакна Коњановски во првиот ден од изборната кампања во Битола.