
На денешниот народен митинг во Велес во рамките на кампањата за локалните избори закажани за во недела на 19 октомври, под слоган „Вистинскиот избор! Со твојот човек! За твоето место! За твојата иднина!“, се обрати и актуелниот градоначалник и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Марко Колев.
Тој во своето обраќање се осврна на неговиот прв градоначалнички мандат во кој, како што посочи, се поставија темелите за развој на градот Велес, каде што значително се подобри инфраструктурата со реконструкција на околу 100 улици, водоводни линии на над 50 улици, 20 канализациски линии во градот и селата, како и нов Градски пазар и улично осветлување.
Колев ја побара довербата на граѓаните со гласање за бројот 9 за и понатаму да продолжи развојот на Велес и реализирањето проекти од капитално значење.

Посочи дека сега е време за нов чекор напред затоа што во вториот мандат ќе продолжи со уште поголема посветеност и мотив за градење на заедницата која почива на вистински вредности, така што нема да се заборават корените на Рацин, Прличко, Гемиџиите.
„Ќе работиме на проекти од капитално значење за општината, како изградба на нов мост кај Башино Село, обиколница за Велес, завршување со изградба на подземната катна гаража и плоштад во Велес, еколошка обнова и заштита на езерото Младост, изградба на парк шума во населба Керамидна и реконструкција на Градскиот парк. Реконструкција на противпожарниот дом и отворање на дом на култура“, рече Колев.
Додаде дека ќе се зајакнеме инфраструктурата со реконструкција на патот од Отовица до Сојаклари, реконструкција на патот од Чалошево до Дурутовец, реконструкција на влезовите во селата Караслари, Башино Село, Мамутчевои и Иванковци, како и реконструкција на делови од улиците Белградска, Алексо Демниевски Бауман, Васил Ѓоргов, Васил Главинов и 11 Октомври.
Колев додаде дека ова се само мал дел од предвидените проекти за кои веќе имаме обезбедено финансиски средства за модерна општинска инфраструктура.
„Ќе создадеме уште повеќе можности за младите и за претприемништвото. Ќе ја унапредиме грижата за ранливите категории, ќе продолжиме да го разубавуваме градот, да создаваме современи услови за образование и спорт. А, секако ќе продолжиме да го негуваме епитетот на Велес, град на културата“, истакна меѓу другото Колев.